Судски пресврт во случајот со Спаска Митрова?

Големи се шансите Спаска Митрова да го врати старателството на детето на повтореното судење, иако не ги почитуваше судските пресуди

Гордана Дувњак

Ќе биде ли судбината на едно четиригодишно дете колатерална штета на високи државни интереси на Република Македонија? Во ова отворено се сомнева гевгеличанецот Воислав Савиќ, кој стравува дека преку неговиот грб и иднината на ќеркичката Сузана, неговата матична држава ќе ги подобрува македонско-бугарските односи и ќе гради имиџ на правна држава. Бидејќи, на македонската држава очигледно и' се брза поскоро да го затвори досието „Спаска Митрова“. А, со тоа да и' стави крај на приказната за наводната обесправена самохрана мајка од Гевгелија, која нашиот источен сосед веќе ја прогласи за „жена на годината“ и за синоним на „дискриминаторската политика на Македонија кон Б’лгарите“. До некоја нова Спаска Митрова, Мирослав Ризински или некој трет...

Воислав е убеден дека молчешкум и без голема врева се подготвува терен за драматичен пресврт во судскиот спор и оти ќе ја изгуби речиси три и полгодишната правна битка за старателство со неговата поранешна сопруга, бидејќи спроти себе има цел еден систем, држава, агресивна пропагандна машинерија. За утре во 16 часот е закажано судско рочиште во гевгелискиот суд, на кое треба да се соопшти новата пресуда околу доделувањето на старателството, откако претходно, во март оваа година, истиот тој суд пресуди во негова корист. До новиот судски процес дојде по експресната одлука на скопскиот Апелационен суд да ја уважи жалбата на Митрова. Со судската граѓанска тројка претседавал апелациониот судија Блажо Трпевски, кој во мај оваа година ја укинал првостепената пресуда и ја вратил на повторно одлучување. Неофицијално се дознава дека од второстепениот суд дури било интервенирано поскоро да се закаже новото судење. Првото судско рочиште е одржано среде лето на 13 јули годинава, но е одложено. За оваа брзаница дури не знае ниту самата Спаска, а ниту нејзините двајца адвокати. Новото судење беше закажано за 30 септември, кога поранешниот сопруг на Спаска одбива да се спогоди да го врати старателството и да го гледа детето „кога сака и каде сака“. Каква ќе биде пресудата ќе се знае в петок.

Воислав вели дека не жали што сите овие години потрошил толку многу време, енергија и пари, но полека почнува да ја губи вербата во институциите. За него е индикативно и тоа што од тужбата против Спаска се повлекоа и двајцата гевгелиски судии, кои таа ги навредуваше дека се „удбаши“.

„Немам намера и наредните пет години да ги поминам по судови. Гледам каде се тера целиот случај. Оваа битка мене ми беше наметната и не ја сакав. Барав само како родител да го гледам своето дете. Но, изгледа дека на вештаците, на судиите не им е битно тоа што со години мојата бивша сопруга го кршеше законот. Детето почна да живее во нормална средина и да се социјализира. Се плашам дека сега со промената на старателството, детето ќе ми го однесе во Бугарија“, вели разочарано Воислав. Тој вели дека нема намера да се појави на изречувањето на пресудата и најавува радикални мерки, без да прецизира какви.

„Ги повикувам сите оние што добиле бугарски државјанства за сите свои проблеми да бараат помош од нашиот соседен сосед, бидејќи тоа очигледно функционира. Мене мојата држава не сака да ме заштити, иако го почитувам законот и институциите“, додава тој. Поранешниот бранител на Спаска Митрова, Ставре Џиков, вели дека второстепениот суд ја уважил нивната жалба, која се темелела на фактот што не било земено предвид психијатриското вештачење, во кое било констатирано дека двајцата родители се способни за остварување на старателство.

„Не сум повеќе адвокат на Спаска во овој дел во постапката, не затоа што имам недоразбирања со мојот клиент, со кого сум во добри релации, туку затоа што нема повеќе потреба. ��ако свој успех го сметам тоа што ја убедивме Спаска по две години противење, сепак, да се согласи на психијатриско вештачење“, вели Џиков.

Сегашниот бранител на Спаска, скопскиот адвокат Шпенд Деваја, одби да даде изјава околу овој случај, упатувајќи не' на неговата клиентка. Спаска Митрова вчера не се јавуваше на нејзиниот мобилен телефон, а не одговори ни на нашата СМС-порака. Ваквиот стил на однесување не е ништо ново, бидејќи за сето ова време контроверзната гевгеличанка беше достапна единствено за бугарските медиуми, кои и' даваат огромен публицитет. Во изминатиот период таа беше многу присутна со изјави по секое судско рочиште. Гостуваше во најпопуларните бугарски емисии, имаше чести средби со бугарските државни фунционери, а тамошните медиуми јавуваа и дека како заслужен граѓанин, Спаска добила и стан во Благоевград и била на рехабилитација во бањата Банско. Редовно се известуваше и околу донациите на бугарската дијаспора на нејзина сметка. Доби и вработување како асистент на бугарскиот европратеник Димитар Стојанов од екстремната партија АТАКА, за да помогне за обесправените Бугари. Сегашниот молк на Митрова говори дека некој можеби и сугерирал да ја промени стратегијата.

Прашање е дали новата пресуда ќе биде и крај на овој случај, кој започна како банална семејна расправија, а заврши како меѓународен скандал од огромни размери? Случај во кој посредуваа дури и двајца претседатели на држави, по одлуката на гевгелискиот суд да изрече затворска казна од три месеци на жената што не ги почитуваше законите. Или, пак, ќе биде нов почеток! Доколку, на пример, северниот сосед реши да се стави во заштита на Србинот од Гевгелија, Воислав Савиќ.


#