Новата влада нема да биде комотна

Груевски не ги доби посакуваните 62 мандата, но освоените гласови му овозможуваат мазно да го добие мандатот за составување влада

Оливера Војновска



Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има причини да биде задоволен од исходот на предвремените парламентарни избори на кои

доби уште еден мандат од народот - трет едноподруго. Македонија, пак, набрзо ќе ја добие старо-нова десничарска влада, која сепак, нема да биде од типот на италијанските. Односно, составена од повеќе партии од македонскиот и од албанскиот блок, какви што беа прогнозите во политичките и во експретските кругови.

Груевски не ги доби посакуваните 62 пратенички мандата, но освоените речиси 440.000 гласа (според прелиминарните резултати) и 56 пратеници (53 плус три од дијаспората), му овозможуваат мазно да го добие мандатот за составување влада.

Во владиниот кабинет повторно ќе ги има старите коалициски партнери, инегративците на Али Ахмети. Кој со освоените 15 мандати - кои му ја потврдија доминацијата во албанскиот блок, исто така, има право да биде задоволен. Само, новата владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нема да биде моќна како во претходниот парламент кога контролираше и двотретинско мнозинство и Бадентер. Инаку, допрва ќе видиме дали на Ахмети ќе му исчезне чувството на нелагодност, што тој го имал во досегашното сојузништвото со патриотско-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ, како што самиот изјавуваше на митинзите.

Другите две партии на Албанците, ДПА на Мендух Тачи и НДП на Руфи Османи, му честитаа на Ахмети и најавија дека од опозициските клупи ќе го потсетуваат на изборните ветувања. Иако, познавачите на нашите политичките состојби не ја исклучуваат можноста и НДП да и' се приклучи на владината коалиција.

Партијата на Ахмети во предизборието и во кампањата истакнуваше дека на една од трите највисоки државни функции - премиер, претседател , спикер, треба да биде Албанец. Според аналитичарите, најголеми шанси има ДУИ да ја добие спикерската фотелја. За таа позиција се споменува потпретседателката на ДУИ,Теута Арифи.

Прогнозите се дека ДУИ овој пат ќе бара и посилни министерски места во Владата. Па освен Економија, веројатно, ќе ги посакува Финансии или Транспорт. Исто така, се претпоставува дека ќе сака да ги зајакне позициите во надворешната политика и безбедноста, па ќе инсистира барем на едно министерство од оваа сфера: МВР, одбрана или дипломатија.

Инаку, прилично е неизвесно кој од досегашните министри ќе ги задржат местата во новиот владин кабинет. За некои се шпекулира дека ќе останат во Владата, но ќе преминат во друг ресор. И во новата Влада најверојатно ќе ги гледаме Зоран Ставрески - финансии, Гордана Јанкулоска и Антонио Милошоски, но не е сигурно дали ќе останат на чело на МВР и МНР. Досегашниот спикер Трајко Вељаноски се споменува како иден министер за правда. Како неизвесна се споменува и министерската фотелја на Елизабета Канческа-Милевска во култура. Освен Михајло Маневски, од Владата веројатно ќе си замине министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

ДУИ, пак, веќе направи една чистка при номинирањето на кандидатите за пратеници, при што добитна позиција имаше само министерот за животна средина, Неџати Јакупи. Меѓутоа, и за него не е сигурно дали ќе го задржи ресорот. Партиските извори велат дека интегративците, најверојатно, ќе направат освежување и во владиниот тим.

Сепак, аналитичарите не очекуваат дека ќе има некакви промени во досегашната владина политика. Но, мислењата се поделени околу односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, поточно, за улогата на интегративците.

Професорот на Европски универзитет, ексминистер и поранешен спикер, Никола Поповски, смета дека новата влада ќе функционира на истиот начин како претходната. „Не очекувам промени во владините политики. Македонија ќе продолжи по патот по кој се движи во последниве пет години. ВМРО-ДПМНЕ ќе функционира во истиот стил, а и ДУИ ќе се однесува како и досега“, смета Поповски. За него, најубавата вест од изборите е дека гласањето во албанските средини помина мирно. „Изборите кај Алабнците поминаа на најервопски начин, што укажува на фактот дека ако партиските штабови сакаат демократски и ненансилни избори, такви и ќе бидат“, вели Поповски.

Според политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу, ДУИ овој пат има можност да диктира поинакви услови во владината коалиција. „Сега важноста на ДУИ во Владата не е само политичка, туку и нумеричка. Во претходниот парламент ВМРО-ДПМНЕ контролираше 63 пратеници, но овој пат без ДУИ нема да може да формира Влада. Така што, тоа е битен момент и ДУИ треба да го искористи за да ја наметне својата програма во владината. Но, да почекаме да видиме дали ќе го стори тоа“, вели Муслиу.


#