Крвава лекарска драма во Скопје
Лекар-колега ја уби директорката на Заводот, Лилјана Угриновска-Груевска
Горан Адамовски
Лекарите и убиваат наместо да спасуваат. Во Заводот за рехабилитација во Скопје директорката д-р Лилјана Угриновска-Груевска (64), беше искасапена со нож од нејзин колега во еден налудничав напад за кој се' уште не е утврден вистинскиот повод. Лекарката потоа беше итно однесена на Клинички центар, но и по шестчасовната операција нејзините колеги не можеа да и' го спасат животот. Драмата во Заводот за рехабилитација во Козле се случила во нејзината канцеларија кога 62-годишниот лекар М.Л. ја нападнал со нож. Со тешки повреди на главата и на телото, Угриновска била пренесена на КАРИЛ, а потоа и на операција во Клиниката за торакална хирургија.
Овој настан вчера го шокираше Скопје, а лекарите не можеа да поверуваат дека се случило такво нешто - белите мантили да употребат и ножеви за да расчистат некои недоразбирања.
Од МВР информираат дека нападот врз докторката се случил околу 10,30 часот. Докторот М.Л. влетал во канцеларијата на директорката и со нож ја нападнал, прободувајќи ја дваесетина пати во вратот, градниот кош и во стомакот. Во коматозна состојба жената ја одвеле во Клиничкиот центар, но поради тешките повреди, ја пренеле на операција на Клиниката за торакална хирургија.
Тим од дваесетина лекари се борел да и' го спасат животот. Болнички извори велат дека докторката била двапати реанимирана, но бидејќи изгубила многу крв, нејзиниот живот не можел да биде спасен.
Насилниот доктор е приведен. Полицијата го испитуваше за мотивите за нападот на претпоставената. Во МВР велат дека според првичните сознанија, станувало збор за недоразбирања што постоеле меѓу Угриновска и М.Л. подолго време. Пронајден е и ножот со кој бил извршен нападот. Против М.Л. ќе следува кривична пријава, велат од полицијата.
Во Заводот за рехабилитација вчера беше навидум мирно. Студентите од Факултетот за медицина, кои требаше да полагаат испит, и многубројните новинарски екипи чекаа пред зградата. Полицијата вршеше увид во канцеларијата на директорката. Лекарите и персоналот во Заводот се обидуваа без застој да ги услужат пациентите што доаѓаа за терапија. За докторка Угриновска имаат само пофални зборови.
„Одличен доктор и многу кротка. Никогаш со никој не се скарала, не знаеше да подвикне. За сите имаше трпение и добар совет“, вели еден од вработените во Заводот.
За причините за инцидентот никој не сакаше да зборува јавно. Неофицијално се зборува дека докторот имал психички проблеми, според други гласишта, причина за инцидентот било доцнењето на платата. Што е вистина, ќе утврдува полициската истрага.
Инцидентот најостро беше осуден од Министерството за здравство, од каде што велат дека формирале специјален тим, кој ќе врши детално испитување на причините што довеле до овој настан.
|