Мислења

Зошто страв од избори?

Филип Петровски

Едно е сосема јасно, владејачката гарнитура се плаши од нешто. Можеби бројките во анкетите не се сосема прецизни

Има еден аспект што ми беше сомнителен при случајот со Велија. Повеќе детали објавив во минатонеделната колумна, а за оваа недела требаше да почекам да видам што ќе се случи со митингот на опозицијата, како и да видам каква ќе биде реакцијата на власта. Имено, напишав што мислам за драмата што и тоа како беше видливо дека е креирана од новинарите, а по налог на газдата. Тие се џиткаа во рацете на полицијата, камерите снимаа, народот гледаше, а адреналинот раснеше. За малку вечерта не избија инциденти. Што можеби и беше нечија намера. Индикативно беше како полицијата тогаш реагираше, односно не реагираше. Тие стоеја неколку часа, по наредба, како вкочанети и не се мрднуваа од место. И во нивното однесување имаше план. Беше издиктирано да се стои и точка.

Како и да е, таа вечер мина. Но, последиците останаа. За да се искористи залетот за кој, се чини, тогаш се фати опозицијата и реши да оди на протести. Релативно бргу се организираа и во неделата излегоа на улиците на Скопје. По се' изгледа, успеаја да соберат над 30 илјади луѓе. Нешто што одамна Бранко Црвенковски не можел да го направи... Само за потсетување, по паѓањето од власт во 1998 година, тој само по седум месеци направи голем протест против владата на ВМРО, на плоштадот во Скопје, собирајќи голем број граѓани, со што покажа дека иако не е на власт, сепак, има инфраструктура што може да изведе илјадници луѓе на улица во секое време. Така беше тогаш. Така не е сега. Сега со години СДСМ е во опозиција и не може да се консолидира. Веројатно како последица на задоволени апетити кај разните фракции што се разидоа. Поради таа внатрешна поделеност се доведоа во ситуација да загубат неколку изборни циклуси, а кулминација беше постигнувањето на апсолутно мнозинство во парламентот на ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година. Оттогаш две и пол години тие владеат како што владеат, на сила, брутално, некултурно, неписмено, но владеат и не се сериозно предизвикани.

Се' до овој митинг, кој беше прво посериозно опозициско групно манифестирање незадоволство од власта. Некои велат дека биле осум илјади луѓе (власта), некои велат дека биле 50 илјади луѓе (опозицијата), а јас сметам дека тоа е небитно. Битно е дека имаше реки луѓе што во декември дошле да го изразат своето незадоволство од власта. Намерата да се намалува бројката со разни изговори кажува дека власта има потреба да го минимизира протестот. Мотивот за тоа може да биде само еден - страв! Оти, ако од нешто не се плашиш, ако не те заинтригирало, ти не го коментираш, не го забележуваш. Напротив, ми се виде дека не е баш така. Од друга страна, ми остана нејасно и сомнително однесувањето на полицијата пред зградата на Велија. Како што реков, ми изгледаше како добро извежбана комбинација. Како намерно модифицирано однесување да се предизвика незадоволство. Ефектот се постигна со протестот.

Потоа мислев дека, всушност, власта сакала со лакмус да го измери незадоволството и да ги извлече на улица потенцијалите на нивниот архенепријател Бранко за да видат колкав му е моментниот потенцијал. За да можат полесно да проценат дали да одат на предвремени избори. Оти, ако видат дека нема доволно поддршка сега е последен момент да се оди на предвремени, затоа што подоцна постои опасност резултатите да бидат значително полоши. Та затоа, ми се виде дека намерно ги предизвикуваат за да ги измерат. Се обложувам дека имаат точна бројка во децимала на демонстранти, само не сакаат да ја соопштат. Нејсе, можеле да претпостават дека ако Бранко по толку време види над 30 илјади луѓе оти ќе го зафати еуфорија. А таа е опасна. Тогаш те водат емоции и лесно се прават грешки. Верувам дека сметале оти во еуфорија ќе се побараат предвремени избори, што и се случи како барање од протестите.

Еуфоријата може да се огледа и во жолтите маички што ги облекоа на пленарната седница, претворајќи ја атмосферата на седницата во трагикомедија на македонски начин. До оваа точка мислев дека маестрално ги навлекуваат. Односно дека го исконструираа случајот со Велија за да ги изнесат на улица и за потоа да побараат предвремени избори. За да имаат контекст во ова време небиднина да речат - в ред, сакате избори, еве ќе има избори. Да не биде дека тие сами распишуваат избори, оти тоа го можат во секое време, имаат доволно мнозинство сами да го распуштат парламентот. Всушност, за да имаат оправдание лесно да дојдат до нови четири години мандат. Можеби не со толкаво мнозинство, но со победничко мнозинство. Барем така велат сите анкети. Цело време сме бомбардирани со информации дека оваа гарнитура, односно ДПМНЕ, е во речиси двојно водство пред СДСМ. Имајќи во овој случај барање од опозицијата за предвремени избори на дланка имаа уште една победа.

Со такви околности пред неколку дена се затворија во партискиот штаб да одлучуваат за барањето на СДСМ. Немаше причина да се сомневаме дека ќе се оди на избори. Оти оваа гарнитура е посветена на политичкиот прагматизам и штитење на сопствените тесни и лични интереси и во ниеден момент не пропушта пригода да си го продолжи политичкиот век.

Во еден момент си помислив дека подолго време го планирале ова. Мислеле како да извлечат бенефит од ситуацијата кај Велија. Дека ќе одат на избори. За да се изненадам силно што не прифатија избори. Тие не ми ти биле во согласност со државните и со националните интереси!? Ако можете да сфатите што значи тоа. Притоа не е јасно како тоа партиската борба за власт се изедначува со државните и со националните интереси. Се разбира, како оправдание може се' да се искористи, кога се смета на електорат што не е заинтересиран да ти ги анализира речениците и бројките на небулозите што во нив ги изрекуваш. Оправдание во ситуација кога се знае дека лесно се манипулира со електоратот ако се има силна пропагандна машинерија...

Едно е сосема јасно, владејачката гарнитура се плаши од нешто. Можеби бројките во анкетите не се сосема прецизни. Можеби маргината на грешка е поголема од онаа што се прикажува. А можеби и не се поставуваат вистинските прашања за да се добие прецизно мерење на незадоволството на граѓаните, кое иако не е регистрирано во анкетите - постои. На пример, кај мене на сајтот, на прашањето: „Дали сте задоволни од политичката состојба во Македонија“, 59 проценти одговориле негативно. Додека дополнителни 20 проценти сметаат дека може подобро. Тоа се речиси 80 проценти незадоволни гласачи. Интересно е што сите што гласале имале став и никој не се определил за можноста да го даде гласот за „немам мислење“. Значи, работите не се така розови. И власта тоа го знае. Затоа нема избори. Ќе се троши уште малку овој мандат.

(Авторот е доктор по политички науки)

http://www.filippetrovski.com/


#