По пласманот во полуфиналето цела Русија во транс

Големиот успех се прославуваше еуфорично од Камчатка до Калининград на Далечниот Исток

Од Камчатка до Калининград до раните утрински часови граѓаните на Русија ја прославуваа големата победа на нивната репрезентација над тимот на Холандија. Само во Москва успехот на руските фудбалери на улица го прославија околу половина милион луѓе. Прославата на победата која во медиумите беше прогласена за историска потсети на „новогодишна ноќ“.

Началникот на информативната служба на московската полиција Виктор Бирјуков одма по завршувањето на мечот во Базел, соопшти дека само во централниот дел на Москва спонтано се собрале некаде околу 200.000 луѓе да ја прослават големата победа на нивниот тим. Тој процени дека оваа бројка во руската престолнина се движеше некаде околу 500.000 луѓе кои излегоа да ја споделат радоста на улиците на Москва. Целиот централен дел на градот беше блокиран, а сообраќајниците беа претворени во пешачки зони, до раните утрински часови. Бесконечната радост на навивачите, беше проследена со величествен огномет, автомобилски сирени, национални знамиња, и песма и игра во која речиси постојано навивачите ги извикуваа слоганите, „Русија, Русија“, „Победа“ и „Ние сме шампиони“.

Повеќе илјадници навивачи излегоа и на улиците на Санкт Петерсбург каде што на главниот плоштад и брегот Нева, до долго во ноќта се славеше големата победа. Најскандирано беше името на нивниот сограѓанин и фудбалер на Зенит, Андреј Аршавин. Кога во Базел, се слушна последниот судиски свиреж, на далечниот исток во Владивосток беше веќе утро. И покрај тоа, навивачите во голем број ги блокираа сообраќајниците во централниот дел на градот, така што полицијата беше приморана да ги преусмерува возилата на заобиколните патишта.

Во сибирскиот Томск на централниот градски плоштад се собраа неколку десетици илјади граѓани на овој град, за да во живо го проследат директниот пренос од Швајцарија. Мечот се гледаше на огромен видео-бим, а навивачите секој гол на нивната репрезентација го прославуваа со поливање со вино и шампањ.

„Се случи чудо“, „Русија се пласира во полуфиналето на ЕП“, „Неверојатно ама вистинито“, беа само дел од најавите со кои сите дневно имформативни емисии на руските телевизии ги започнуваа своите вести на денот.

Веднаш по завршувањето на мечот, на репрезентативците и навивачите, „величенствената игра и победа“ им ја честиташе и рускиот претседател, Дмитриј Медведев.

Навивачите во Русија во изминатите дваесет години немаа можност да ги прославуваат успесите на нивниот национален тим. Оваа работа доаѓа од таму што селекцијата на Русија досега никогаш не успеа да се пласира во четврт-финалето или полуфиналето на некое европско првенство.