05.11.2012, 17:47

Воскресна легендарниот ТВ-дуел меѓу Црвенковски и Георгиевски

Каков е ефектот од спотот со незаборавните реплики на двајцата довчерашни непријатели, кои се уникатен пример на телевизиска дебата

Горан Адамовски



„Признавте 150.000 косовски Албанци и им дадовте државјанство. Правите се' само за да дојдете на власт. Вашата Влада го смени името и сега за цел свет сме ФИРОМ. Ви треба да испиете шише виски дневно и се трезните со грам кокаин“, му вели Љупчо Георгиевски на својот довчерашен политички непријател Бранко Црвенковски. „Ве прогласуваат за бугарски ас и толку многу надежи полагаат за ваша победа. Вие ја поделивте Македонија. Не сум користел услуги на психијатри и на бајачки“, му возвраќа лидерот на СДСМ.

Овие легендарни реплики од ТВ-дуелите во 1998 и 2002 година повторно се вратија на екраните. ВМРО-ДПМНЕ во едноминутен спот потсетува зошто заколнатите непријатели, а денеска коалициски партнери, не смеат да добијат доверба од гласачите.

Маркетинг-експертот Игор Атанасов вели дека кај нас од пред десетина години не се избираат средства во политичката борба. Противникот се дискредитира по секоја цена, без разлика што тоа можеби го надминува прагот за умерено, етичко и морално рекламирање.

„Можете да погледнете што се случува и во САД за време на претседателската кампања. Тимот на Обама излезе со навредувачки и диксредитирачки реклами за Ромни. Тоа не е ништо ново и ништо спектакуларно, а сепак јачината, стилот, интензитетот и речникот го избираат советниците за комуникации на политичките партии, кои се надевам дека врз основа на истражувања за перцепциите и моќта на информациите што ги пласираат сакаат да направат дистинкција во однос на политичките ривали“, објаснува Атанасов.

За опозицијата, нападот по двајцата крупни фигури во македонската политика е очекуван, имајќи го предвид нивното минато.

„Тие само нека се занимаваат со валкана кампања, а ние ќе се занимаваме со граѓаните. На граѓаните им е смачено од валкана кампања против опозицијата и практично никој не верува во тоа. За граѓаните не е во никаков интерес кој и што кажал пред 15 години. Денеска им е во интерес да купат леб, млеко, зејтин, да ги платат сметките за струја, парно...“, вели секретарот на СДСМ, Андреј Петров.

Многу вода е помината низ Вардар изминатите 15 години, коментира Слободан Близнаковски од ВМРО-Народна. Од партијата сметаат дека спотот ќе предизвика контраефект за нарачателот и потсетуваат оти тие ТВ-дуели биле доказ за демократичноста на земјата.

„Крајно е лицемерно некој да злоупотребува извадоци од ТВ-дуели, а тој самиот никогаш да не се појави на ниту еден“, поентираат во Народна.

Атанасов смета дека доволно беше минато, тоа за нас е болно и неуспешно, не' влече назад и не ни дава да одиме напред. Тој би сакал да види и да чуе борба на идеи, ставови и перцепции за иднината.

„Постојаното потсетување на минатото може да создаде и контраефекти, многумина не сакаат да се потсетуваат на него. Но, ние како народ секогаш сакаме да бараме виновници и сакаме да се присетуваме што беше порано и зошто тоа беше така, бидејќи не сме решителни, немаме доволно храброст и, пред се', желба да одиме напред. Со трендот на енормно зголемување на високообразованиот кадар низ сите факултети што се отворија, очекувам и интелектуалното ниво да се подигне, што би требало, пак, да донесе и потреба за едно поинакво, позрело, посериозно и суштинско комуницирање од сите политички субјекти“, анализира Атанасов.

Во ВМРО-ДПМНЕ вчера не добивме договор до кога ќе го рекламираат спотот, ги дава ли очекуваните резултати и дали соработката на Црвенковски и Георгиевски ќе им биде ветар в грб во пресрет на изборите.