09.01.2012, 17:33 Државата ќе одлучува за ХТВ
Комисијата за заштита на конкуренцијата решава за жалбата на операторите кон ЗАМП
Горан Адамовски
Недоразбирањата меѓу трите најголеми кабелски оператори и Здружението за заштита на авторските музички права околу правата за емитирање на десетината новогодишно исклучени канали, меѓу кои и ХТВ1, стигнаа до Комисијата за заштита на конкуренцијата. „Близу“, „Макс ТВ“ на Македонски телеком и „Бум ТВ“ на „Оне“ бараат Комисијата да поведе постапка против ЗАМП со тврдење дека биле уценувани при преговорите.
Операторите кои покриваат околу 70 проценти од кабелскиот пазар тврдат оти биле принудени да се откажат од преговорите, бидејќи ЗАМП и преостанатите иматели на права ги терале покрај гледаниот ХТВ, да прифатат и серија други канали, кои биле неатрактивни, а незадоволни се и од цената што им била побарана за правата за емитирање. Поради тоа, побараа помош од државата.
„Во тек е процедурата, операторите побараа постапка против ЗАМП, ние побаравме одредени податоци од Здружението. Се врши анализа, по што ќе одлучиме дали има повреда на Законот за заштита на конкуренцијата“, ни рекоа вчера од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Оттаму не можеа да кажат колку период ќе мине да се донесе решение, бидејќи „немале рок за одлучување“.
Од ЗАМП пред неколку дена ни изјавија оти непостигнувањето договор е вина на операторите, кои биле научени само профитот да си го гледаат.
„Побаравме годишно по пет отсто повеќе, за во 2015 година да дојдеме до конечна бројка од 20 отсто, што сметаме дека е коректно, имајќи предвид оти кабелските оператори во 2009 и во 2010 година самоиницијативно ја зголемија својата претплата за 28-29 отсто, односно од 350 на 450 денари“, ни рече Зоран Васковски, претседател на ЗАМП. Тој се запраша како е можно да успеат да се договорат со 43 кабелски оператори низ земјава, а само со најголемите три да не можат да најдат заеднички јазик.
Како што стојат работите, државата, односно Комисијата за заштита на конкуренцијата е последната шанса на граѓаните да ги добијат назад гледаните телевизии. Гледачите се во очај, бидејќи плаќаат скапа претплата за речиси никаква понуда и за телевизии што промовираат невкус.
За разлика од тоа, се исклучуваат телевизиите што беа најпопуларни меѓу граѓаните. Договорите што граѓаните ги имаат со операторите, ги спречува да се откажат од „задоволството“ за високи цени да гледаат ефтини канали. Дали некој ќе ги заштити нивните права како потрошувачи? |