„Атентаторот“ на Хашим Тачи бил обичен крадец

Уапсеното момче признало дека се обидело да влезе во куќата на Тачи

Приштина - Уапсен е Фазли Сејдиу (19), еден од учесниците во нападот врз куќата на косовскиот премиер Хашим Тачи, извршен во петокот вечерта, соопшти портпаролот на косовската полицијата Ветон Елшани.

Вооружени напаѓачи в0 петокот околу 23,15 часот се обиделе да влезат во куќата на Тачи, каде што биле единствено членовите на неговото најблиско семејство. Обезбедувањето на премиерот отворило оган кон напаѓачите, при што бил ранет еден од нив, но веднаш успеале да избегаат.

Според Елшани, уапсеното момче признало дека се обидело да влезе во куќата на Тачи, но тврди дека тоа планирал да го стори поради кражба. Полицијата ја проверува неговата изјава.

Сејдиу беше уапсен во саботата вечерта околу 21 часот, а локалните медиуми јавуваат дека тој бил пријавен во полиција од неговиот татко кога видел дека син му е ранет во едната рака. Таткото се посомневал дека неговиот син е еден од напаѓачите на премиерската куќа.

Сејдиу, наводно, и' изјавил на полицијата дека не знаел за чија куќа станува збор. На прашањето дали овој напад врз куќата на Тачи може да се поврзе со старото непријателство меѓу него и поранешниот премиер Рамуш Харадинај, портпаролот Елшани одговори дека нема такви сознанија, но оти се испитуваат сите можни мотиви за настанот. (Макфакс)