17.09.2012, 17:55 Мое ќоше
Што расте кога се' паѓа
Ерол Ризаов
Влада која носи само популарни мерки не може да спроведе економски реформи и да избегне рецесија
Кога во економијата на една земја шест месеци едноподруго се' паѓа, се' оди удолу, тоа економистите го викаат рецесија. Од тој збор одговорните влади и премиери имаат уплав, а им се тресат и нозете и рацете на деловните луѓе и на оние што добро знаат што значи овој земјотрес чиј епицентар се наоѓа во погрешно изведените реформи и во подолг период на економска стагнација. Обичните граѓани пак не обрнуваат многу внимание на стручните толкувања на зборовите стагнација, рецесија, депресија, инфлација, девалвација... Тие одамна се во агонија од безизлезот во кој одвај преживуваат убедени дека нема што повеќе да загубат. Се разбира, тоа не е точно, се' уште има многу работи кои можат да ги загубат. Кога настапува периодот на депресија и кога се` паѓа, тогаш растат само сиромаштијата, бедата, безработицата, цените, банкротствата, криминалот, сите видови проституција, корупција, неморал, а во вистински процут се лагите. Најмногу се лаже пред војна, за време на економска криза и пред избори.
Првата голема лага, пред да созрее кризата и пред да излезе на виделина, е нејзиното криење. Таа е лошиот гласник кој осилените власти прв го убиваат. Потоа следува период на популистички кампањи за големите успеси, светски признанија и награди за фантастични достигнувања, потоа на повидок се огромни странски инвестиции, се градат големи зданија и споменици, се организира масовна потрага по пославно минато. Се пеат оди и пофални песни за големите успеси. Тоа е така додека не почне да се гледа бременоста во одминат шести месец и кога не ќе може повеќе да се скрие забранетата љубов и инцест на власта и економските закономерности.
Влада која носи само популарни мерки не може да спроведува реформи и да избегне рецесија. Радикален хируршки резови во живо ткиво без анестезија е единствена гаранцијата дека се во тек успешни економски реформи. Без болни ампутации на гангренозните делови не се надминува ниту стагнацијата ниту рецесијата. Реформските влади не се омилени додека се на власт. Признанијата за нивната работа доаѓаат отпосле, најчесто кога непопуларните мерки ќе ги дадат резултатите. Нешто слично како кога го мразите вашиот најстрог професор, ама по дипломирањето, најмногу го сакате и почитувате. Кога веќе не може да се скрие нараснатиот стомак до заби и кога сите ги видовме резултатите од успешноста на реформите, нашата Влада се погрижи навреме да не' предупреди дека за тоа се виновни сите други, а само таа е невина. За паѓањето на нашата економија најголем кривец е прогласена глобалната криза. Светската економска криза навистина има негативно влијание насекаде, но ни оддалеку не може да биде главен виновник за нашите грешки и расипнички фрлања пари за непродуктивни и неприоритетни објекти. За тоа е доказ фактот што голем број земји и во Европа и во регионот не се во рецесија и покрај тешкотиите што им ги предизвикува светската криза. Ако се градеа браните „Чебрен“, „Галиште“, хидро и термоелектрани, автостради, гасовод, брза железница, ако парите на граѓаните се вложеа умно во современа технологија и човечки ресурси, денес со голема веројатност немаше да зборуваме за рецесија. Милиони евра се фрлени во леарниците низ Европа во слава на античките јунаци барајќи поубаво минато. Милиони евра се фрлени во безвредна бронза, кич-имитации и непродуктивни објекти од кои најголема полза имаат градските гулаби.
Затоа премиерот Никола Груевски избега од својот најдобар имиџ што го донесе на власт, економски реформатор од владата на Љупчо Георгиевски. Очигледно многу покомотно и поудобно му е на Груевски во делот на политиката и патриотизмот. Таму каде што се трошат и делат туѓи пари секогаш било поблагопријатно отколку каде што се прават. Економските закони сами по себе се крути, нерастегливи и многу здодевни за митинзи, јавни настапи, дебати и интервјуа. Замислете, економистите велат дека сте банкрот ако не можете да си ги платите долговите. Колку сурово и едноставно. Тие за миг би ја прогласиле Македонија за банкротирана држава која не си ги намирува долговите ако, за среќа, немаме паметни политичари и министри. На секое јавно изречено сомневање, тие веднаш одговараат: државата си ги исполнува сите долгови навреме во согласност со законските прописи. Тие што читаат меѓу редови знаат дека тоа значи кај што доцни државата, ќе си плати пенали. Тие, пак, што ќе писнат дека Владата им должи ќе останат и без работа и без пари, ако пред тоа не банкротираат. Така е тоа кога најпосакуван партнер во држава со рецесија е Владата. |