ПОГЛЕД
Исцедено здравство
Јасмина Јовановска
Платите во здравството толку пораснаа што ќе ја исцедат речиси целата здравствена каса. Неофицијалните математики покажуваат дека платите стасале до 78 отсто од приходите што се слеваат во здравствената каса. Што е многу, многу е. Но, во Фондот за здравствено осигурување ваквите математики, иако првично ги потврдија, се премислија околу процентот. Веројатно, кога ќе се изнесе вистината на виделина, таа станува пострашна.
А до вакво дереџе здравствениот фонд дојде по неколкукратните покачувања на платите на јавната администрација. Владата едноставно се расфрлаше со покачувањата на платите. Со покачувањата не остана покуса ни претходната власт. Со нив се чуваше мирот во здравството и се компензираше за колективниот договор. Капак на се' беше и воведувањето на концептот бруто-плата. Иако имаше предупредување дека со бруто-платата се брза и може ќе настрада здравствениот фонд, Владата не се откажа од него. Таа грабеше напред со покачувањата, не размислувајќи дека, кога и да е, на виделина ќе излезат последиците од таквото неконтролирано растење на примањата на здравствените работници. Посебно што во здравствената каса по бруто-платата се појави мал дефицит, а платите во здравството беа и дополнително напумпани со дежурствата.
Покачувањата на платите во јавниот сектор само покажаа дека нема бесплатен ручек, па дури ни кога е од Владата, која беше дарежлива. Цехот од покачувањата, кога и да е, некој мораше да го плати. А во здравството нема кој друг да го извлече најдебелиот крај, освен болните. Високиот процент на учество на платите ќе ги „изедат“ ограничените буџети, болниците ќе останат без пари за лекови и медицински материјал, па пациентите, сакаат или не, за да се лекуваат, ќе мора да си ја купуваат терапијата.
|