Новата еврообврзница скапо ќе не' чини

ММФ е во конфузија кога препорачува скапо задолжување за да се врати предвреме нивниот евтин кредит

Александрија Стевковска

Кризата во Меѓународниот монетарен фонд и скандалот со нивниот шеф Доминик Строс Кан, освен на светско, се преслика и на локално ниво во Македонија. Според експертите, ова најјасно се гледа од завршните препораки на мисијата на ММФ за земјава, во кои стои дека е пожелно земјава да се воздржи од натамошно трошење на парите од нивниот кредит за претпазливост и да се насочи кон надворешно задолжување преку издавање еврообрзница. Експертите се едногласни дека е нелогично ММФ да ја поздравува можноста за предвременото враќање на нивниот евтин кредит, а од друга страна, да препорачува ново скапо задолжување. Анализите на надворешниот финансиски пазар, пак, говорат дека условите за издавање еврообврзница се многу неповолни и доколку се реализира тоа, каматата за неа ќе биде многу висока.

„По конституирање на новата Влада, треба добро да се анализира состојбата во економијата, односно во буџетот. Треба да се види какви се приливите во државната каса за да се оцени каков е нејзиниот капацитет за опстанок, но и финансирање на буџетскиот дефицит. Треба да се направи анализа на две полиња. Едното е да се следи состојбата на странските пазари и доколку има можност, да се издаде еврообврзница, под услов каматата да биде од 4 до 6 отсто. Сепак, прашање е дали може да се добијат поволни услови за издавање еврообврзница, со оглед на кризата во Грција, која многу лесно може да се прелее во други земји, но и лошите економски состојби во Португалија, Ирска. Значи, условите на надворешните финансиски пазари за издавање еврообврзница се неповолни“, вели Томе Неновски, професор на Американ колеџ.

Тој смета дека Владата треба прво да направи анализа на домашниот пазар и таму да ги бара можностите за да обезбеди средства за финансиска инјекција на буџетот. „Многу подобра можност е Владата да се сврти кон домашниот пазар за да обезбеди пари. Тоа значи да се употреби неискористениот финансиски потенцијал на банките врзан преку благајнички записи во Народна банка на Македонија. Станува збор за средства во висина од околу 300 милиони евра, од кои барем половина може да се искористат за покривање на буџетскиот дефицит. За нив, каматата е од околу 4 отсто. А враќањето на овие средства нема да значи одлевање девизи од земјава. Со оглед на кругот во кој се врзани НБМ, банките и фирмите, тие пари многу брзо ќе се вратат во економијата. За мене, ова претставува најдобра опција на обезбедување пари“, смета Неновски.

За поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, не е логична препораката на ММФ, Владата да се задолжи поскапо за да евентуално

порано ги врати повлечените пари од ПЦЛ-аранжманот.

„Кризата во ММФ не се гледа само во Доминик Строс Кан и неговото однесување, туку е многу подлабока. Најдобар пример за тоа е односот на ММФ кон кредитот одобрен за Македонија. Ако во почетокот имаше сомнеж дека концептот на кредитот е нејасен, сега тоа и се докажува. Фондот нема јасна слика зошто и како и го одобрил кредитот за Македонија. Прво се кажуваше дека кредитот е за екстерни шокови, после дека е за буџетски потреби, а сега не кажуваат ни колку од парите се потрошени и за што. Владата е во конфузија бидејќи сака да го задржи владеењето, но однесувањето на ММФ во врска со кредитот даден на Македонија е целосна енигма“, заклучува Поповски.


#