Тепај го ближниот свој

Двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинија за инцидентот

Сања Наумовска
Горан Адамовски


Инцидентот во саботата меѓу две групи граѓани на плоштадот „Македонија“ во Скопје околу изградбата на црквата и неверојатната нетрпеливост го потисна и претстојниот втор круг на претседателските и локални избори. Тепачката меѓу противниците и поддржувачите на изградбата на објект на локација на плоштадот предизвика меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата, кои се посочија меѓусебно како организатори, односно растурачи на протестот.

Протестот на „Прва архибригада“, задружение на студентите на Архитектонскиот факултет во Скопје против изградба на црква на локацијата на плоштадот „Македонија“ резултираше со тројца повредени. На студентите и нивните истомисленици во саботата напладне, вербално и физички им се спротистави неколку пати побројна група граѓани, во одбрана на идејата за изградба на православна црква. Видливи беа и групи кои низ плоштадот се движеа со црковни знамиња, икони и транспаренти.

Вербалната кавга која започна во близина на Градскиот трговски центар, каде што беше најавено дека ќе се случува мирниот протест на студентите, ескалираше во физичка пресметка во близина на Камениот мост, кога дел од поддржувачите на идејата за црква на плоштадот посегнаа по транспарентите со пораката „Не силувајте го Скопје“.

Меѓу двете групи интервенираше полицијата, иако според дел од присутните, задоцнето и нерешително. Во МВР, пак, велат дека се задоволни како полицијата била организирана на завчерашните протести.

„МВР максимално добро ја одработи задачата. Немаше посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, не дојде до посериозен инцидент и, што е најважно, никој не пријави дека е потешко повреден“, вели заменик-министерот за односи во јавност во МВР, Иво Котевски.

Како што вели тој, организаторите го пријавиле протестот во МВР за изградба на црква на плоштадот „Македонија“, во петокот, односно еден ден пред најавеното собирање, иако било практика тоа да се направи барем 48 часа однапред за полицијата да има време подобро да се организира. Дека во исто време ќе се соберат и поддржувачи на идејата за градба на верскиот објект - во МВР не било пријавено, иако тие имале сознанија за вакво сценарио, имајќи предвид дека во петокот вечерта, во емисијата „Јади бурек“ на Наша ТВ, отворено се агитираше за контрапротест.

„МВР ќе ја испитува одговорноста на организаторот, кој не обезбедил редарска служба што ќе се грижи за протестот, а од друга страна не го прекинал протестот во оној момент кога забележал дека ќе има загрозување на безбедноста на учесниците или на имотот, како што налагаат законските прописи“, вели Котевски. Тој не се согласува со оцената дека полицијата реагирала премногу млако, и покрај тоа што и на телевизиските снимки јасно се гледа дека полицајците немо гледаат, додека насилниците се пресметуваат со студентите и студентките што протестираа против изградба на црквата. Против тепачите ќе следуваат прекршочни пријави. Полицијата дополнително преку снимките ќе врши препознавање на насилниците.

Организаторите на протестот, студентите на Архитектонскиот факултет, велат дека нивната намера да протестираат против изградба на објект на посочената локација на плоштадот во Скопје е извадена од контекст и претставена како идеја против изградба на црква.

„Се работи за архитектонско-урбанистички и естетски протест против узурпацијата на одредена локација на плоштадот на која не соодветствува изградба кој на било објект. Тука нема верски ниту политички мотиви, туку само професионално гледање на просторот. Студентите би биле против дури и ако тука би требало да се гради Архитектонски факултет���, велат во ’Прва архибригада‘. За нив не е спорен ниту тајмингот за одржување на протестот, кој не е поврзан со изборите, туку со најавата дека наскоро ќе се поставува камен-темелникот на новата црква.

„Не е чудно, ниту ново архитекти да изнесуваат став за урбанистичкото планирање на просторот и не е потребно никој да не' организира, бидејќи ние сме доволно возрасни и образовани да имаме свој став“, велат во „Прва архибригада“.

Инцидентот вчера го осуди и претседателот Бранко Црвенковски, кој повика насилниците да бидат изведени пред суд. Во соопштението од неговиот Кабинет се потенцира дека правото на мирен протест е загарантирано со Уставот и неговото исполнување не може да биде попречено или оневозможено, ниту поради религиозна посветеност, ниту поради партиска послушност. „Недозволиво е да се случува вакво силеџиство и насилство на однапред најавен протест во присуство на полицијата. Тоа, во најмала рака, само говори за неодговорен однос на Министерството за внатрешни работи, освен ако и самото не е дел од ова сценарио“, се вели во соопштението.

Премиерот Никола Груевски го осуди инцидентот и повика на воздржување од такви немили случувања. Иако призна дека во толпата имало активисти на неговата партија, за него директен виновник е професорот Мирослав Грчев, кој, според Груевски е против сите проекти на Владата.

„Тој е член на СДСМ, беше градоначалник на Центар на времето од СДСМ и тој се спротивставува на секој проект што го прави и промовира Владата и се обидува во вакви времиња на избори да му помогне на СДСМ“, рече Груевски, потенцирајќи дека наредните месци ќе почне со изградбата на црквата, за што веќе е извадена градежна дозвола.

За најголемата опозициска партија СДСМ, зад тепачката на јавниот собир на плоштадот „Македонија“ стои ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија организирала група хулигани, специјално донесени со неколку автобуси за да го разбијат мирниот протест.

„Уште еднаш ги повикуваме да престанат да се занимаваат со тепаните и да почнат вистински да ги гонат насилниците. Уставно загарантирано право е правото на мирен протест, без оглед на тоа дали овие протести им се допаѓаат на Груевски и ВМРО- ДПМНЕ“, изјавија вчера во СДСМ.

Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски ги повика граѓаните на главниот град да го зачуваат разумот и мудроста и да не дозволат да бидат жртви на политичката репресија и организираниот притисок на власта.

„По неодамнешната одлука на Уставниот суд со која се суспендираше Генералниот урбанистички план и се легализираа урбанистичките злодела за очекување беше дека нема простор за мислењето на стручните лица, надлежните, младите, граѓаните на Скопје“, вели Костовски.

Изненаден од личното прозивање како организатор на протестот на младите архитекти беше и професорот Мирослав Грчев. Тој вели дека е шокиран од леснотијата со која премиерот Груевски направил невистинита и злонамерна конструкција во која директно го спомнува неговото име.

„Такви конкретни конструкции со сосема јасна зла намера мора да се темелат врз основа на докази и информации кои би требало да се од разузнавачка природа. Затоа сакам да прашам дали тоа е изворот на информациите дека јас стојам зад протестот“, прашува Грчев, констатирајќи при тоа дека со тоа се деградира и дискредитира спонтаноста и искреноста на протестот на студентите. Истовремено, вели Грчев, се дерогира правото да го кажат својот став со обидот да се претпостави дека тие самите не се способни да се организираат туку дека се тајно инструментализирано од политички или други мотиви.

Инцидентот на плоштадот „Македонија“ го осуди и Македонската православна црква. Прота Стојко Ристовски, кој беше присутен на плоштадот со неколкумина свештени лица кои носеа икона, транспаренти и црковни знамиња вели дека не бил сведок на насилство. Тој смета дека секој има право да си го каже своето мислење и за тоа не смее да биде нападнат ниту со збор ниту физички. Прота Ристовски ги осуди наводните верници кои во име на верата се служат со јазикот на пцости и навреди и применуваат физичко насилство.

Меѓу транспарентите на наводните верници тој препознава симболи на црквата на расколникот Вранишковски. Тоа се жолтите знамиња со црн двоглав орел, кои ги носеше голема гр��па граѓани кои први, дури еден час пред почетокот на протестот, преку Камениот мост се упати и ја окупираше локацијата на протестот.

Прота Ристовски разбира дека протестот на дел од македонските граѓани е насочен против локацијата на црквата за која и тој самиот лично смета дека е несоодветна.