Калеников, и покрај се', го чека Гошев на свадба

Златко Калеников вчера повторно се огласи за да дообјасни дека никој не му шепкал да го обвини гувернерот Петар Гошев и уште еднаш побара од него да докаже дека не е дел од спрегата со банкарите и големите компании што го кочат развојот на малото стопанство.

„Го повикав Гошев како гувернер на НБМ да покаже дека не е дел од таа спрега, во насока на преземање мерки што ќе ги ослободат финансиските средства за стопанството преку модел на запишување благајнички записи на база на каматна стапка и лимитирање на нивната количина. Таа спрега не е од вчера и никој не ми ја шепнал, прашање е само до кога ќе ја има. На Гошев мандатот му истекува во мај и затоа побарав тој да застане против неа, бидејќи моќта е во неговите раце“, истакна вчера Калеников. Тој потенцира дека обвинувањата на адреса на централната банка, на банкарите и на Стопанската комора на Македонија не биле негов личен став, туку став на Сојузот на стопански комори. „Многу ми е криво што мене ми падна задачата да го пренесам ставот на Комората, иако имам два проблема со кои треба да се соочам - ’Александар палас‘ да ми ја откаже салата за свадба и да имам двајца гости помалку, Гошев и неговата сопруга“, изјави Калеников. Тој потенцира дека без разлика на тоа што една од членките на ССК јавно се оградила од овој став против банкарската фела, тој бил донесен на седница на Управниот одбор на ССК. Според Калеников, нема јавно приватно партнерство меѓу ССК и Владата, туку тие само соопштувале мерки за подобрување на состојбите во економијата. Тој најави дека ќе ја продолжат битката со Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, за тоа кој е правниот наследник на имотот. (С.М.)


#