Или сменете ме, или следете ме!
На седницата на Централниот одбор на СДСМ, Црвенковски не понуди оставка, ниту, пак, некој му ја побарал, а довербата ќе ја стави на испит на конгресот на 3 јули
Билјана Јовановска
Црвенковски, им соопштил јасно на членовите на Централниот одбор, кои воедно се и делегати, дека ќе имаат можност да гласаат за негова доверба и за доверба на целото раководство на Конгресот. Притоа, им се обратил со зборовите: „Или сменете ме или следете ме“! Според наши сознанија, членовите на Централниот одбор на нозе и со громогласен аплауз ја дочекале објавата на Црвенковски дека нема намера да го напушти кормилото на СДСМ, вклучително и оние што не негуваат кон него којзнае какви симпатии.
На „Бихаќска“, во седиштето на СДСМ, владее чудно спокојство. Всушност, и не се очекуваше Централниот одбор (ЦО) на партијата да ја размрда партијата и да отвори подлабинска расправа за изборните резултати, бидејќи допрва ќе се прават анализите.
Неофицијално, лидерот Бранко Црвенковски, на прексиноќешната седница на ЦО, изнесе некои свои лични дилеми околу својот натамошен ангажман, меѓутоа, рече дека нема да се повлекува. За такво нешто, практично, и не се дебатираше. За таков потрес СДСМ сега ниту е подготвен ниту е таква внатрепартиската клима. Прашањето за одговорноста на партискиот шеф не го отвори ниту еден од членовите на највисокото партиско тело. Конечниот збор ќе го имаат учесниците на Конгресот на СДСМ, кој ќе се одржи веќе на 3 јули.
Од партиски извори дознаваме дека во своето обраќање Црвенковски им порачал на сопартијците оти нема намера да поднесе оставка, бидејќи неговата цел се' уште не е завршена докрај. А таа е општопозната за членството на СДСМ: Груевски и ДПМНЕ мора да се поразат. Дискутирале двајца-тројца членови и шефот на Изборниот штаб, Андреј Петров, кој низ бројки ги презентирал изборните резултати од 5 јуни.
Колку и да го посакува премиерот Груевски заминувањето на Црвенковски од политичката сцена или, како што вели, „пензионирањето на истрошениот транзициски политичар“, такво нешто, најверојатно, нема да се случи. Во СДСМ велат дека под лидерство на Црвенковски постигнале резултат кој многумина пријатно ги изненади, иако не бил доволен за да ја порази владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Де факто, и оние што имаат можеби лични амбиции да го заменат Црвенковски, се свесни дека во голема мера токму тој ја има заслугата за добиените 370.000 гласа, што е за околу 65 отсто повеќе отколку на изборите во 2008 година, а далеку е над освоените 218.000 гласови во изборната 2006 година, велат внатрепартиски избори.
Социјалдемократите тврдат дека партискиот шеф успеал да ја консолидира партијата, на секаков план, па дури, наводно, и на финансиски, бидејќи се вратени долговите од минатото. Наспроти позитивната клима во партијата од политичките ривали на СДСМ, вчера излегоа брифинзи дека, наводно, потпретседателите Зоран Јовановски и Ана Павловска-Данева сакале да поднесат оставки. Но, наши извори велат дека за такво нешто не станало збор ниту на едно тело во партијата и оттаму во СДСМ ги оценуваат како „злонамерни шпекулации од кујната на ДПМНЕ“.
И пред прексиноќешната седница владините медиуми ја пласираа информацијата дека Црвенковски ја поднел оставката на ЦО, меѓутоа и на оние што имаа со Црвенковски периоди на некомуницирање и разидување за прашањето како треба да се води партијата сега не говорат за негова одговорност. Според расположението што владее во СДСМ, можноста Бранко Црвенковски да не ја добие довербата на конгресот е повеќе хипотетичка отколку реална. Оцена е дека барем засега Црвенковски е тој што може да и' донесе на партијата ваков резултат и да се справи со својот ривал Груевски.
Внатрепартиската математика е чиста - доколку следните избори се случат за една, две или четири години, прашање е кој лидер на СДСМ би успеал да му гарантира 370.000 гласа. Или, што би било, ако се случи смена во партискиот врв, а некој иден шеф сегашниот изборен резултат го спушти на 250.000 гласа?
Кога сето ова се има предвид, неспорно е дека во наредниот период нема да се случат потреси што би го тргнале Црвенковски од лидерското место. Точно е дека СДСМ ги изгуби изборите, ама, исто така, се точни и информациите за паниката во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од најблиското опкружување на Никола Груевски стасуваат тврдења дека премиерот не сакал дури ни да се качи и да се обрати од бината по соопштувањето на резултатите и постојано ја повторувал реченицата: „Зар за Бранко гласале 370.000 луѓе?“ Разочарувањето било огромно, бидејќи целата изборна стратегија Груевски ја темелеше на тоа како на истрошениот транзициски политичар да му кажат збогум.
Сепак, ова не им остава простор ниту на Црвенковски ниту на СДСМ да живее на лаврите на изборниот резултат, туку мора да работат, да осмислуваат стратегии со без малку исто темпо како и во изборната кампања. Објективно, лидерот ќе го чувствува хендикепот што лично тој нема да биде во парламентот, ама ако се има предвид дека Црвенковски е „опасен лисец“ со големо искуство и потврдена тактика, нема причини за сомневање во она што го порача ноќта меѓу 5 и 6 јуни: „СДСМ ќе биде посилен отколку досега. Вистинската битка почнува допрва“. (Б.Ј.) |