Македонија го призна Косово

Одлуката Владата ја донесе откако македонското Собрание ја усвои Резолуцијата за односите со Косово
Web Update: 02:05 10.05. - Владата на расправаше за усвоената Резолуција во Собранието за односите на Република Македонија со Косово и донесе одлука да ја признае самостојноста и сувереноста на Косово, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
На вечерашната прес-конференција Милошоски посочи дека наскоро ќе бидат воспоставени дипломатските односи и оти договорот за тоа ќе биде потпишан од страна на Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово. - Ова прашање воопшто не е дилема и сметам дека тоа е добар сигнал кој оди во вистинска насока, изјави тој.
- Сметам дека ваквиот чекор ќе има позитивен ефект за регионалниот развој на настаните. Овој чекор не е насочен кон трета држава и очекуваме истиот да биде разбран од официјален Белград иако цениме дека нивната позиција по однос на ова прашање драстично се разликува во поглед на позициите кои ги имаа досега 50 држави во Европа и во светот. Република Македонија има богата културна, историска и трговска традиција на соработка со Република Србија која сакаме да го задржи високото ниво и треба да продолжи во тој правец, истакна шефот на македонската дипломатија.
Милошоски рече дека вчера телефонски го информирал српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ оти во македонското Собрание е покрената иницијатива за признавањето на независноста на Косово и оти денеска за тоа разговарал и со косовскиот шеф на дипломатијата Скендер Хисени.
- Како две соседни држави и Косово и Србија ни се важни партнери и ќе остане така и во иднина. Со заеднички напори и усилби треба да гледаме кон иднината, кон заедничката соработка, меѓусебното помагање и да отвараме што пошироки перспективи за развој на екјономијата, трговијата, но и на политичките односи, изјави Милошоски додавајќи дека очекува тоа да биде позитивно разбрано и од нашите соседи.
Одговарајќи на новинарско прашање, шефот на македонската дипломатија рече дека одлуката за признавањето на Косово не е поврзана со гласањето во Обединетите нации. - Начелно, од српска страна на повеќе држави во светот, меѓу кои и на Македонија, им беше укажано дека чуствителен и значаен за нив е периодот пред донесувањето на таа одлука, со цел да не се нарушат нејзините можности. Македонија гласаше воздржано за одлуката во ОН. Сметаме дека со нашето воздржано гласање дадовме мал индиректен придонес таа резолуција од Меѓународниот суд на правдата да добие уште еден поттик. Цениме дека секоја земја има легитимно право тоа и да го побара, додаде Милошоски.
Ова е потег, како што рече тој, „кој соодветствува со реалноста и тој нема потенцијал да ги загрози добрите основи за македонско-српското пријателство во иднина, без разлика што можеби на краткорочен период може да се очекуваат одредени реакции кои можеби нема да одат во прилог на ваквиот развој на настаните“.
Признавањето на Косово и решавањето на македонско-грчкиот спор за името, според Милошоски се прашања кои не се поврзани едно со друго... (МИА)

Текст од печатеното издание:
Оливера Војновска
Резолуцијата за признавањето на Косово, околу која се обединија трите парламентарни партии на Албанците, вчера ја вжешти атмосферата во македонскиот парламент и одново ја покажа длабоката поделеност во македонскиот политички блок.
Опозицијата го обвини премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека бега од одговорноста заедно со целата Влада затоа што ниту еден министер не беше присутен во салата и го повика „да не се затскрива кукавички зад парламентот, туку да излезе и јавно да го каже ставот на Владата за признавањ��то на Косово“.
СДСМ и ЛДП бараа да се прекине заседанието, додека не се добие мислење од Владата, но тоа не помина.
Собраниската седница беше свикана завчера доцна вечерта, откако Генералното собрание на ОН со мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата на Србија со која од Меѓународниот суд во Хаг се бара мислење за еднострано прогласената независност на Косово.
Споменатата резолуцијата вчера ја врати ДПА во парламентот, која уште од конституирањето на овој собраниски состав го условуваше прекинувањето на бојкотот со признавањето на Косово. Во собраниската сала се појавија сите пратеници од ДПА, вклучувајќи го и Арбен Џафери.
Експремиерот Владо Бучковски од собраниската говорница го критикуваше актуелниот премиер и дека е недозволиво и срамно Владата за спорот со името да се затскрива зад народот, а за признавањето на Косово зад Собранието. Тој го повикуваше Груевски да не се плаши, туку машки да излезе и да го соопшти својот став околу косовската независност.
„Од што се исплаши Владата - од каменот (граничниот столб во Танушевци) или од Србија. Владата е изгубена во вселената. Ова е некоја чудна коалиција, не се знае кој е на линијата Брисел - Вашингтон, а кој е на оската Москва- Атина“, констатира Бучковски и им препорача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да „мислат со главите за да не им служат само за потстрижување“.
Поранешниот премиер оцени дека резолуцијата е задоцнета и ги праша ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ зошто иницијативата се поднесува еден ден по гласањето во Обединетите нации.„Зошто сега? Дали Македонија договорила како ќе не' именува таа држава? Дали тоа ќе биде под уставното име или под референцата ПЈРМ? И како сето ова ќе се одрази врз економските врски меѓу Македонија и Србија?“, праша Бучковски.
Во сличен тон беше и дискусијата на неговиот партиски колега Игор Ивановски, кој исто така ги повикуваше Груевски и министрите да дојдат во Собранието. „Одлуките за признавање на држави ги носи Владата, а не парламентот. Тука треба да се присутни и премиерот и министрите за внатрешни и за надворешни работи да кажат зошто сега е вистински момент за признавање на Косово. Ова Собрание не смее да застапува ниту просрпски ниту прокосовски ставови. Во носењето на одлуките Собранието треба да се води од државните интереси“, рече Ивановски.
Испровоциран од настапот на Бучковски, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, му забележа дека имал тенденција да ги дестабилизира меѓуетничките односи.
„Албанците во Македонија, Косово и во Албанија никогаш не го оспориле името на државата, идентитетот и црквата, за разлика од некои други соседи. Во врска со прашањето за Косово да ја признае Македонија под уставното име, досега не сум слушнал јавна изјава во која се условува уставното име на Македонија“, рече Тачи. Во ова негово прво појавување во парламентот Тачи му го честиташе на Велјановски изборот за спикер, саркастично додавајќи дека не се прославил многу на функцијата.
Лидерот на ДПС, Иван Стоиљковиќ, му возврати на Бучковски дека воопшто не треба да се размислува како ќе не' именува некоја „дива држава, која, воопшто и не постои, еден простор без институции - виртуелна слика“. Бучковски му препорача тоа прашање да му го упати на премиерот Груевски, во чија коалиција партиципира.
Во почетокот на седницата, на која и' претходеа повеќе координации, шефот на пратеничката група на ДУИ и овластен предлагач на резолуцијата, Тахир Хани, соопшти: „Предлагаме Република Македонија да ја донесе резолуцијата за признавање на Косово, односно Собранието да и' препорача на Владата согласно со државните и националните интереси да ги преземе сите неопходни активности за воспоставување дипломатски односи со Косово“.
Инаку, апелите до премиерот да се појави во Собранието продолжија и во попладневниот дел од седницата. Потпретседателот на парламентот, Јани Макрадули, му вети на Груевски дека нема да му свиркаат. Макрадули додаде дека се проѕирни намерите на премиерот, пратениците да ја завршат работата за признавањето на Косово, а потоа тој да се извлекува:„Морав, така одлучи Собранието“. |