29.12.2011, 15:23 Чевлар осуден на 15 години затвор за убиство на сопругата
За убиството на својата сопруга Мухамер Суља е осуден на 14, а за недозволено држење на огнено оружје на три години затвор.
Скопскиот Кривичен суд го осуди Мухамер Суља на 15 години затвор. Сега осудениот беше обвинет за убиство на сопругата и за недозволено изработување, држење и поседување огнено оружје. За убиството на сопругата судот на Суља му изрече затворска казна во траење од 14, а за поседување огнено оружје уште три години, па според законот нему му е одредена единствена затворска казна во траење од 15 години.
Настанот за кој скопскиот суд вчера ја изрече првостепената пресуда се случи на 11 јули оваа година. Сега осудениот Мухамер (43), во нивниот заеднички дом, лоциран на улицата „Ќемал Сејфула“, со испукување на еден куршум, со умисла ја лишил од живот својата сопруга Наџије Суља.
Трагичниот настан се случил утрината околу пет часот, но се' почнало четири часа порано, односно кога покојната, со нејзиниот најмлад син, легнала да спие во трпезаријата. Еден час по полноќ Мухамер останал во работната просторија каде што вршел пребарувања по интернет. Во еден момент, тој веројатно изнервиран од секојдневните расправии кои ги имал со сопругата, се упатил кон неговата работилница за чевли, која се наоѓа во дворот од куќата. Таму го зел пиштолот во кој имало пет куршуми.
Станува збор за пиштол „екол спешл 99“, кој осудениот го набавил на Косово за цена од 250 евра. Тој се вратил дома, а потоа зел пластично шише, кое го пресекол на половина и го исполнил со сунѓер. Вака преправеното и исполнето шише требало да претставува придушувач на звук. Со пиштолот в рака, Мухамер се упатил кон трпезаријата и креветот во кој спиела неговата сопруга. Потоа и' пукал в глава на сопругата Наџије.
Откако и нанел тешка телесна повреда Мухамер ги разбудил трите деца и заедно со нив, со возило „голф“, се упатил кон граничниот премин Блаце. Во меѓувреме телефонски бил контактиран од неговиот брат, кој успеал да го убеди да се врати дома. Но, за жал, Наџије починала во миговите кога веќе била донесена во Клиниката за хируршки болести. (Љ.С.)
|
|