03.12.2012, 17:12 Мое ќоше
Тодоров на преглед кај Груевски
Ерол Ризаов
За нарушеното здравје на демократијата и на нацијата најдобра терапија е една министерска оставка
Крајно време е премиерот Никола Груевски сериозно да ги разгледа дијагнозите на лекарите што штрајкуваат за состојбите во здравството и да го викне на систематски преглед својот министер Никола Тодоров. Ако продолжи министерот за здравје вака да ги брани пациентите и Владата од докторите, отиде јабана целото здравство и паднаа во вода сите големи достигнувања на Владата дека многу направила и многу инвестирала за подобро здравје на граѓаните. Да се стопира грубо еден цивилизациски, демократски и чисто синдикален протест на водечките луѓе во македонското здравство е налудничава идеја и страшно контрапродуктивна работа. Не верувам дека Владата на Груевски претрпела поголеми загуби за својот рејтинг отколку од погрешните потези што ги влече амбициозниот министер во врска со штрајкот на лекарите и здравствените работници.
Процените на министерот Тодоров се погрешни од повеќе аспекти.
Прво, лошо прозвуче во јавноста инфантилното игнорирање дека станува збор за штрајк. Владата во одбрана на министерот крена, сосема непотребно, цела машинерија да се стопира гласноста во медиумите дека се работи за штрајк во рамките на законските и синдикалните прописи. Второ, министерот арогантно го направи најпогрешниот пристап со своите јавни закани кон здравствената интелектуална елита која секогаш во политиката имала огромно влијание. Лекарите низ целата историја на човештвото се посебна фела и професија која длабоко засега во најчувствителните интереси на луѓето. Првиот сигнал за состојбите во едно општество го чувствуваат лекарите и целиот медицински персонал. Тој барометар на општата клима го нема ниту една друга професија, па ни политичарите. Трето, навредите што ги изрече министерот до докторите и универзитетските професори на Медицинскиот факултет се недолични за еден министер на македонска влада. Никола Тодоров ги жигоса угледните лекари како партиски експоненти, ги обвини за непотизам, ги нарече неработници кои стравуваат од распределба на плати според сработеното и слични непримерни клевети кои во јавноста беа лошо примени како еден вид одмазда од предозирана суета. Од кога тоа десницата стана жестоко против семејните традиции каде што повеќе членови од повеќе генерации се определуваат за лекарскиот позив, што сегде во светот се смета за голем углед и бренд, а не за непотизам како што сакаше министерот да ги претстави работите во јавноста. Трето, министерот Тодоров докрај ги разголи и разобличи редовните синдикати на Република Македонија, кои се покажаа и во овој случај како продолжена рака на власта. Четврто, министерот направи непростлива грешка кога ги обвини лекарите за поврзаност со опозицијата. Со тоа Тодоров им даде големо значење на социјалдемократите и здружената опозиција дека успеале да изведат еден прилично сложен потфат и да мобилизираат голема група лекари. Работите стојат сосема спротивно на тоа. Еден голем дел симпатизери и активисти на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во здравството апстинираат од протести и јавно присуство, иако лично апсолутно го оправдуваат штрајкот. Петто, времето на траењето на штрајкот и се' поголемата масовност и незадоволство покажува дека тактиките на министерот со цврста рака и закани не даваат резултат. Штрајкот секој ден добива се' поголема поддршка и во јавноста и кај вработените во здравствените установи. Веќе и меѓународните многу влијателни здравствени асоцијации покажуваат нагласен интерес што се случува во Македонија и зошто лекарите се изложени на силен политички притисок од власта. Шесто, а можеби и прво, министерот Никола Тодоров е шеф на штабот на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори. Не верувам дека оваа репутација што тој ја заработи за себе и за партијата многу ќе му помогне на изборите.
Кога сите овие работи ќе се стават на кантар, штетите што ги нанесува министерот Тодоров врз рејтингот на Владата и врз партијата пред избори налага премиерот да му ја скрати поддршката која не дава резултати. Време е Никола Груевски да му каже на својот министер повеќе да не се кара со доктори и да се одмори од својата напорна, но јалова работа. За нарушеното здравје на демократијата и на нацијата најдобра терапија е една министерска оставка. Штрајкот на лекарите, какви што има во цел свет и во многу побогатите и подемократски земји, кај нас поради суетата на министерот стана премногу сериозна работа која не може да се брани веќе со тоа дека е фатаморгана, дека опозицијата замешала прсти и дека лекарите се некадарни. Тоа стана здравствено, политички и еснафски крајно штетно.
Кликнете ОВДЕ за повеќе колумни од авторот
|