17.10.2012, 17:43

Киднапиран синот на амбасадорот Игор Илиевски

Од МНР немаат став за неговото јавно барање помош и велат дека станува збор за приватно прашање

Слободанка Јовановска


Македонскиот амбасадор во Прага, Игор Илиевски, на невообичаен начин, преку прес-конференција, отвори старателска битка со својата сопруга, која, како што информираше, му го одзела две и полмесечниот син Џон Џејмс Илиевски и не му дозволува никаков контакт.

„Џон Џејмс е македонски дипломат, кој де факто е лишен од правата и можностите за регистрација во Чешка“, изјави Илиевски, обраќајќи се како приватно лице, а не како македонски функционер. Според него, со помош на локална адвокатска канцеларија и со физичко насилство од приватна агенција за обезбедување му бил одземен синот и му било оневозможено да го пријави неговиот престој на чешка територија, а со тоа и да му обезбеди дипломатски документ.

Од МНР вчера немаше став за потегот на амбасадорот, ниту пак информација дали за ваквото јавно барање помош побарал одобрување од неговата матична институција, а уште повеќе дали ја добил. Коментарот беше краток - дека станува збор за негово приватно прашање, со најава дека можеби деновиве ќе кажат нешто повеќе. Илиевски е при крај на мандатот во Чешката Република и во декември треба да се врати во Македонија, односно да му заврши функцијата.

„Се работи за случај од висок ризик по здравјето и сигурноста на малолетно дете, државјанин на Македонија. До неговото пронаоѓање и враќање на македонска територија не сум во состојба да давам какви било дополнителни детали“, изјави вчера за „Утрински весник“ амбасадорот Илиевски. „Прес- конференцијата ја свикав како татко, а не како амбасадор на Македонија и за да ги спречам обидите за фалсификување на неговиот идентитет“, рече тој објаснувајќи дека со сопругата се венчани и дека таа и синот имаат само македонско државјанство, иако таа е со потекло од Шпанија. Според него, соработката со официјалните чешки и македонски органи започнала уште првиот ден и е на високо ниво, во согласност со одличните билатералните односи меѓу двете земји.

„Синот е одземен на територија на правна канцеларија пред еден месец. Негова единствена легална адреса е резиденцијата во Прага. Од тој момент е започната и завршена правната битка за враќање на синот. Очекуваме секој момент да биде лоциран и да биде вратен на неговата легална адреса“, рече Илиески според кого синот нема дипломатски статус не зашто чешките институции одбиваат да го регистрираат, туку затоа што биле спречени во тоа со грабнувањето. На крајот најави дека случајот ќе биде затворен најдоцна до 25 октомври.

За МИА Илиевски изјави дека киднапирањето било направено од приватна фирма. Оттогаш сите повторени обиди да го видам својот син и да ги заштитам неговите човекови права беа неуспешни“, рече Илиевски, кој не го видел синот еден месец и нема никакви информации за него. Телефонот на неговата сопруга, која исто така е македонски државјанин, бил исклучен, а македонскиот амбасадор се плаши дека никогаш повеќе нема да го види своето дете.

Илиевски вели дека ги презел сите правни чекори пред чешките и македонските судови. Чешките судови, прогласувајќи се за ненадлежни, го предале предметот на судовите во Македонија, па тој се обидува да спречи менување на идентитетот на малолетникот. Илиевски претпоставува дека синот се' уште нелегално престојува на територијата на Прага со цел на 25 октомври, кога изминува рокот за легално пријавување, да биде регистриран како хуманитарен случај.

„За сите кои со ’нелегални средства’ го ограничуваа мојот контакт со синот, за сите кои го предизвикаа инцидентот, кои предупредуваа, уценуваа или бараа да не притискам врз проблемот повеќе, сакам да најавам дека синот не може да биде користен како средство за војна со мојата личност“, ре��е Илиевски.

Негирајќи дека ова има политичка конотација, Илиевски додаде дека неговата сопруга на сличен начин со помош на истата чешка фирма пред девет години ја киднапирала својата прва ќерка од нејзиниот татко, кој бил од Шпанија. Тој побара помош од медиумите и од официјалните чешки органи да може да продолжи во својата должност како татко да ги штити правата на своето малолетно дете. Илиевски смета дека зад чинот на неговата сопруга стојат некои мотиви кои се надева дека доколку заврши целата драма, ќе и' бидат познати на јавноста.