Архитектура а безвремен објект на „Водовод“
Авторот, архитектот Жарко Чаушевски,му дава централно место на граѓанинот за да престојува во пријатен амбиент
Снежана Калабакова
„Најтешко е да се најде решение за објекти што имаат кружна маркичка во урбанистичките планови. Но, јас сум многу горд на ова мое дело во кое се применети сите правила на класичната архитектура, со цел да се избегне чувството на минливост на објектот“, вели Жарко Чаушевски, младиот архитект што го изработи идејното решение за новата зграда на ЈП „Водовод и канализација“ во соработка со проектантскиот тим на „Архитектоника“ од Скопје. Тој досега проектирал повеќе станбени згради и куќи, а учествувал и во дел од проектите за Собранието и за Меморијалниот комплекс на Тоше Проевски во Крушево. Сепак, најгорд е на своето последно дело, за кое идејата ја разработувал два месеца.
Новата управна зграда ќе биде на површина од 5.000 квадратни метри, со габарит од 970 квадрати. Ќе има пет ката и подземен паркинг за 115 возила. Изградбата ќе чини десет милиони евра.
Младиот архитект вели дека централно место и приоритет во објектот му дал на граѓанинот. Тој ќе влегува во централно климатизирано фоаје на две нивоа, а кружно ќе бидат поставени шалтерите за вработените. И додека тие го решаваат неговиот проблем, граѓанинот има можност да испие кафе во пријатен амбиент. Граѓанинот нема да талка по службите, туку вработените ќе слегуваат кај него, а тој ќе седи во фоајето со фонтана, природни дрвја и реплика на аквадуктот во Скупи. Чаушевски појаснува дека при проектирањето водел сметка каде треба да се наоѓа таканаречената вакуумска соба за заштита од пожар на компјутерите со базата на податоци, на сервер-центарот, како и за просторот на мониторинг-центарот во претпријатието, преку кој веднаш ќе се лоцираат евентуално настанатите проблеми во водоводниот систем.
Проектирајќи го објектот со бојата на Калето, вели, водел сметка и за необновливоста на ресурсите. Затоа, покрај штедливите системи и светилки, проектирал бункер за собирање на дождовницата со која ќе се наводнуваат зелените површини од партерното уредување пред објектот. Тоа, секако, има врска и со суштината на претпријатието. Објектот нуди максимална можност за поставување сончеви колектори на скриениот дел од покривот, каде што еден дел од потребната енергија се добива од обновливи извори.
„Класичната архитектура, сама по себе, штеди енергија и има почит спрема природата. Ние архитектите мора да сме свесни за небесконечноста на некои ресурси. При проектирањето на објектот имав слобода во изразувањето и во изборот на стиловите. Бегав и од чувството на минливост на објектот, бидејќи сметам дека еден град со вакви објекти треба да си има своја патина, а не ако бил модерен во 2000 година, сега да му помине модата. Од оваа временска дистанца, објектите што се проектирани во осумдесеттите години денес се смешни, а тоа речиси е како некој сега да носи пантолони-ѕвонарки на кои им поминала модата“, објаснува Чаушевски.
Зградата на „Водовод“ однадвор ќе има 32 столба, а завршува со купола од бакар. За да ја реши фасадата авторот бил инспириран од зградата на Деканатот на ЈЕИЛ, објект што има и класична и модерна архитектура. При тоа го зел предвид и фактот дека Скопје како град имал вода и пред 2 000 години, а ЈП „Водовод и канализација“ постои над 100 години. Тоа го навело да се праша дали треба да направи трендовски објект, а да не биде експресија на архитектот, или објектот да ја претставува европската традиција на градови. |