Од стручен агол

Србија не е свесна што загуби

Ненад Бјековиќ

Беше еден од најдобрите фудбалери на Партизан, во чиј дрес одигра 379 првенствени натпревари постигнувајќи и 191 гол. Во дресот на поранешната репрезентација на Југославија во 22 настапа постигна четири гола. Пет години го носеше дресот на една од најдобрите француски екипи Ница, пет години нејзин прв голгетер. По завршувањето на успешната кариера беше во Стручниот штаб на Партизан заедно со Милош Милутиновиќ, беше и тренер на Ница, потоа спортски директор на Партизан, денес советник на претседателот на клубот.

Ненад Бјековиќ беше миленик на навивачите на Партизан поради неговата фер игра, вистински голгетер од кого стравуваа сите голмани во поранешна Југославија.

Иако доста разочаран по неочекуваниот пораз на репрезентацијата на Србија во мечот со Австралија, сепак, најде сили да ги поздрави љубителите на фудбалот во Македонија и специјално за читателите на „Утрински весник“ да ги искоментира последните натпревари на Светското првенство во Јужна Африка.

- Верувам дека љубителите на фудбалот ќе се согласат за мене што многу повеќе очекував, барем досега, отколку што видов на стартот на Светското првенство. За многумина е изненадување што репрезентациите на Австралија, Јужна Кореја, Нов Зеланд играат многу подобро дури од една Италија, Германија, Франција... Генерално, Бразил, Аргентина па и Шпанија, иако стартуваше со пораз, ги оправдаа очекувањата, останатите фаворити, не одиграа ништо специјално за да се воодушевуваме од нивната игра. Можеби се чуваат за наредните нокаут средби, ќе видиме. Допрва претстојат тешки борби за титулата, ќе има уште многу изненадувања.

- Во Србија сигурно сите се разочарани по поразот од Австралија и елиминирањето на нивната репрезентација уште во првата фаза?

- Што да ви кажам. Некако во Белград денес е тивко, ја нема онаа еуфорија како што беше по мечот со Германија. Се чувствува атмосфера на губитници. Мислам дека по два-три дена, кога ќе се олади оваа траурна атмосфера, ќе се види што се' има загубено репрезентацијата на Србија со поразот од Австралија. Доколку победеше се' им беше отворено за висок пласман, следуваше меч со САД, потоа најверојатно со Уругвај, но наеднаш сето тоа се затвори само по 90 минути слаба игра. Ваква шанса тешко дека наскоро ќе имаат фудбалерите на Србија. Сигурно ќе ме прашате, зошто дојде до овој дебакл. Пред се' подобро беше Србија да ја победеше Гана, а да загубеше од Германија. Вака тие две средби ја искомплицираа целата ситуација во нашата група, но тоа не е оправдување. Србија мораше да ја победи Австралија. Мислам дека играчите на Антиќ не беа физички најподготвени за ова светско првенство, некои играчи се преморени, особено Видиќ и Ивановиќ кои нон-стоп играат во Англија речиси без одмор. Истото се однесува и за Станковиќ, кој згора на тоа беше повреден, и сите делуваа како исцеден лимон на теренот. Но, лесно е сега да се наоѓаат причините за поразот кога се' е готово. Поправен испит нема.

Долго игравте во Франција, што мислите за дебаклот на Французите?

- Да бидам искрен го очекував тоа. Селекторот Рајмон Доменек не успеа да најде заеднички јазик со играчите, направи големи грешки, ги подели фудбалерите, имаше чести кавги меѓу нив што се прикриваше пред Светското првенство, за жал, кавгите се провлекуваа и во квалификациите во кои Французите едвам се здобија преку бараж со право да играат во Јужна Африка. Се сеќавате, како, со оној нерегуларен гол против Ирците. Таа лоша атмосфера во репрезентацијата се одрази и во играта. Залудно е се' сега. Залудна е оставката или смената на селекторот, доцна е веќе. Фудбалскиот срам на Французите е многу голем. Ќе треба време да се закрепнат од овој шок, истото тоа го мислам и за репрезентацијата на Србија од која, морам да кажам, многу очекувавме, ништо не добивме.

Ненад Бјековиќ се' уште нема мислење кој играч ќе биде прогласен за најдобар на шампионатот - засега никој не отскокнува, барем јас не видов играч за кој можам да кажам: овој е најдобар. Има време. Се' уште има натпревари, ќе видиме што ќе се случи до крајот. (М.М.)


#