Охрид топ-дестинација за туристите од соседните земји

Цените за легло во централното подрачје и туристичките населби се движат од 300 до 500 денари

Симон Илиевски

ОХРИД - Во јули и август Охрид ќе биде топ-дестинација за туристите од соседните земји, а најмногу гости како и изминатото лето, се очекуваат од соседна Србија. Туристичките работници велат дека причина за тоа е што тие можат да дојдат без долги формалности за визи, цените за сместување се пристојни, а во споредба со соседните земји, цените на угостителските услуги и другата вонпансионска понуда се два до три пати пониски. Ова лето гостите, особено помладите, ќе можат да уживаат во уредените 12 нови плажи на кои ќе се организираат дневни журки, што е тренд во светските туристички метрополи.

Приватното сместување, за кое се проценува дека има капацитет од околу 25.000 легла, и ова лето ќе биде најискористено. Цените се движат од 250 до 300 денари за легло, во поширокото градско подрачје, а се претпоставува дека најчесто ќе го користат домашните гости. Цените за легло во централното подрачје и туристичките населби, во зависност од квалитетот и близината до езерото, ќе се движат од 300 до 500 денари.

„Туристите се' повеќе се интересираат за сместување во апартмани. Цените за легло во апартман се движат од 10 евра па нагоре, во зависност од опременоста со кујна, дневен престој, клима, кабелска телевизија, Интернет, паркинг и други погодности. Веќе правиме резервации за јули и август и очигледно е дека за апартманите се најзаинтересирани гостите од Србија, особено од Белград“, вели Перо Јакимов од Туристичката агенција „Генералтурист 2000“. Интересот за апартманското сместување е зголемен зашто условите се подобри од оние во хотелите, а цените се пониски. Велат, апартманското сместување во комбинација со пристојните цени на исхрана во рестораните и просторот за бесплатен паркинг битно ја намалува цената на вкупните трошоци за одмор.


Ова лето гостите, особено помладите, ќе можат да уживаат во уредените 12 нови плажи на кои ќе се организираат дневни журки; плажата Куба либре

Големите хотелски капацитети, според сегашните продадени аранжмани и резервации, ќе бидат искористени од 80 до 100 отсто. Цените за ноќевања со појадок или полупансион се движат во просек од 25 до 40 евра, а во оние малку хотели со пет ѕвездички и до 70 евра. Хотелите за да привлечат повеќе гости нудат и бројни попусти.

„Во хотелите ’Метропол-Белви‘ со 600 легла засега капацитетите се закупени од 60 до 70 отсто, пред се' од странски туристи. Цените за аранжмани од над седум дена се движат од 29 до 35 евра дневно на база на полупансион“, вели Борче Тасевски, раководител на продажба во хотелите. Во овие хотели ќе престојуваат организирани групи од Израел, Холандија, Србија, Словенија, Албанија и Косово. Слободните капацитети, според Тасевски, се очекува да бидат распродадени или резервирани на почетокот на јули.

Свесни дека од туризмот може добро да се живее доколку градот е полн со гости, од угостителско-туристичкиот еснаф засега нема најави за зголемување на цените на храната и на пијалаците. Во рестораните и кафетериите просечните цени за кафињата се 50, за соковите од 50 до 80, а пивото од 60 до 100 денари, во зависност од тоа дали е домашно или увозно. „Овој вид пијалаци најмасовно се троши и не би требало да ги зголемуваме цените, зашто ќе направиме лош имиџ за Охрид. Камо да има и гости кои ќе пијат поскапи пијалаци, па преку нив ќе ја зголемиме добивката“, вели сопственик на кафетерија, кој тврди дека попознатите угостителски објекти се договориле да не ги зголемуваат цените во шпицот на главната туристичка сезона.

За оние кои летово сакаат да бидат во Охрид треба убаво да се распрашаат за превозот. Најголемиот автопревозник „Галеб“ ги зголеми цените, па така билет од Скопје до Охрид наместо 450 сега чини 520 денари, а повратниот билет од 630 е зголемен на 750 денари. За разлика од „Галеб“, другите превозници тврдат дека засега не размислуваат за поскапување. Кај превозниците „Охрид-експрес“ и „Пупе-компани“ билет од Скопје до Охрид чини 380, а повратниот 550 денари. Летово, како и минатото, ќе може да се најде и такси-превоз за четири лица по цена на автобуски билет од локацијата кај автобуската станица во Скопје.

При организирањето на одморот, потенцијалните гости, како што предупредуваат добронамерните туристички работници, треба да го избегнуваат барањето соби за сместување на улица и да не се договараат додека не проверат барем на уште едно место. Таксистите прво треба да ги прашаат дали возат со таксиметар и по која цена, или во спротивно да прашаат во возило на друга такси- компании. Поучени од други години, добронамерно се сугерира кога се порачува храна прво да се види ценовникот што мора да го има секој ресторан.

Современо уредените плажи, кои заедно со оние од хотелите ги има над 20, ќе бидат вистински хит ова лето. Личат на оние во развиените туристички центри и ќе нудат богата дневна забава. Влезот, според концесионерскиот договор со Владата, ќе биде бесплатен, а ќе се плаќа најмувањето лежалки и други реквизити.