Кичевци не можат да поверуваат во веста за убиецот

Владо Танески во Кичево важеше за угледен човек, новинар со авторитет

Киро Кипроски

Кичево - На кичевци им олесна кога пред три дена преку медиумите и официјално ја слушнаа информацијата дека можниот убиец на нивните сограѓанки Живана Темелковска и Љубица Личоска се наоѓа зад решетки, а се шокирани и не можат да поверуваат дека свирепите злосторства ги сторил нивниот сосед Владо Танески, кого го почитуваа, му веруваа, имаа добрососедски односи без кавги и расправии, новинар кој во градот уживаше авторитет.

Двете сосетки, средовечни жени-вдовици, исчезнале на мистериозен и идентичен начин и имаа иста судбина. Во почетокот на минатиот месец, во непосредна близина на фудбалското игралиште на Влазрими во Кичево, беше пронајдено искасапеното тело на Живана Темелковска, завиткано во најлон-кеса, а телото на Љубица Личоска беше пронајдено во почетокот на февруари годинава, во дива депонија на планинскиот превалец на Стража, во непосредна близина на бензинската пумпа.


Убиената Љубица Личоска

И по четири дена од приведувањето на новинарот Танески, осомничен за две убиства, дискусиите не стивнуваат. Кичевци се разочарани поради тоа што меѓу себе имале злосторник и никако не можат да поверуваат дека на новинарот Владо толку му се нарушила психата за да убива недолжни и немоќни жени. При нашата прошетка низ населбата Коњски Ливади, каде што живее Танески, можевме да забележиме дека напнатоста и стравот, особено меѓу жените, се спласнати. Движењето низ улицата „11 Септември“, каде што се наоѓаат куќите на осомничениот убиец и на жртвите, беше нормално, со исклучок пред куќата на семејството на Темелковска.

На двете страни на улицата беа паркирани десетина возила, а во дворот имаше роднини, пријатели и соседи на починатата Живана, кои се подготвуваа да заминат на гробишта, да и' дадат шестнеделен помен.

„Бев шокиран кога слушнав дека соседот Владо е осомничен за убиството на мајка ми“, со горчина во душата ни зборуваше нејзиниот 34-годишен син Зоран Темелковски. „Шест недели живееме во тага и во исчекување да се открие злосторникот. Полицијата спроведе опсежна истрага“, продолжува Зоран. „Над двесте лица од нашата населба беа под истрага. Во кичевската болница дадовме крв, а петнаесетина лица што имаат крвна група Б беа осомничени како можни извршители на убиството, а по извесно време кругот на осомничени се намали на тројца, меѓу нив беше и соседот Владо“, вели синот на Живана Темелковска.

„Баба ми се радуваше поради тоа што летово ќе присуствува на свадбата на мојата ќерка. Но, за жал, не ја дочека“, ни рече зетот Јелисие Аќимоски.

Пред викенд-куќата на новинарот, која се наоѓа на 3-4 км од Кичево, на стариот пат за Битола, под селото Карбуница, родното село на неговиот татко, го сретнавме шумарот Досе Николоски.

„Завчера полицијата изврши детален претрес во викендичката. Како што видов, во полициските возила беа натоварени седум вреќи со биолошки материјали и други предмети“, ни вели Николоски и додава дека претресот го следела и сопругата на Владо. Според Николоски, Владо бил примерен граѓанин, често се среќавале и муабетеле. Но, никако не може да поверува дека тој може да биде убиец.


Улицата на која живееле жртвите

поверувам дека Владо е серискиот убиец. Искрено, не знам што да речам“, додава Николоски.

„Верувајте, од четвртокот, кога го приведоа колегата Владо, око не сум затворил и никако не можам да сфатам дека е убиец“, ни зборуваше Саша Дукоски, дописник на МРТ од Кичево.

„Со Владо соработував со години. Разменувавме информации. И за последните две убиства и за исчезнувањата на нашите сограѓанки. Не даваше никаков повод или, пак, простор за сомневање дека сум разговарала со убиец“, со неверување и потресено ни зборува Светлана Велјановска, новинар во Радио Кичево и дописник на „Дневник“.

Кичевци ни зборуваа дека Владо Танески уште во младите години бил истакнат металски работник и ја завршил Политичката школа во Кумровец. Бил претседател на Општинската организација на ССММ за Кичево, а како постојан дописник бил вработен во весникот „Нова Македонија“, пред тоа бил професионален новинар во Радио Кичево, а неколку години беше хонорарен соработник на „Утрински весник“.