Царината ја чека конечната одлука на Уставен суд
Во Царината веќе се прават анализи за измени на спорните членови од законот
Соња Маџовска
Царинската управа ќе ја чека конечната одлука на Уставниот суд и без разлика каква ќе биде таа, Царината ќе ја почитува, изјави вчера за „Утрински весник“ директорот Ванчо Каргов. Според него, постапката што се води за оспорените членови на Царинскиот закон, пред Уставниот суд, а поведена од Групацијата на шпедитерите, била нормална правна процедура. Тој вели дека во Царината веќе се прават анализи за Царинскиот закон, меѓу кои ќе бидат разгледани и спорните два члена 4 и 6, поради кои „Фершпед“ и уште неколку шпедиции останаа без дозволи за работа.
„Моментно се подготвуваат измени на Царинскиот закон, кои треба да значат усогласување со директивите од ЕУ. Се подготвуваат анализи, се испитуваат други можности, и за членовите 4 и 6. На се' ќе обрнеме внимание“, вели Каргов. Тој смета дека старите законски решенија кои важеле пред измените во 2008, биле уште построги, и со поголеми дискрециони права за Царината. Според него, беспотребно се кревала прашина во јавноста за одземените дозволи на шпедициите, кога се' повеќе од големите фирми одат на таканареченото домашно царинење, кое го вршат по електронски пат. Од компаниите потврдуваат дека овој начин на царинење е многу поефикасен, но, сепак, укажуваат дека без шпедитерите на граничните премини и натаму не можат да работат.
Од „Фершпед“ вчера изјавија дека се задоволни што Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на спорните членови од Царинскиот закон, но и тие сметаат дека без разлика кога ќе биде донесена конечната одлука на судот, постапката ќе се пролонгира, а тие во меѓувреме трпат огромни штети. Тие очекуваат дури во септември Уставниот суд да донесе конечна одлука, по што ќе започнат постапка за добивање нова или враќање на старата лиценца за вршење на главните шпедитерски работи.
„Тоа што Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на спорните членови од Царинскиот закон е позитивно за сите шпедитери. Нелогичностите во Законот ќе се отстранат и нема да работиме во грч како досега. Сигурно е дека сите шпедиции кои останаа без лиценца веќе претрпуваат огромни штети. Оваа правна процедура ќе трае подолго време, а потоа ќе треба да се обноват сите постапки за добивање дозволи за работа. Во согласност со законските прописи, потоа ќе поведеме постапка и ќе бараме надомест на штета од државата“, изјави вчера за „Утрински весник“ Кираца Трајковска од „Фершпед“.
Царината за идната недела има закажано лицитација за издавање деловен простор под закуп на граничните премини. Станува збор за вкупно 45 објекти со тврда градба, од кои 33 се наменети за царинско посредување. Одобрението за царинско посредување е клучниот услов за субјектите кои сакаат да учествуваат на јавното наддавање, што значи дека шпедициите кои ги изгубија дозволите нема да можат да учествуваат. Каргов за овој месец најави и уште една лицитација за издавање на привремените објекти. И на оваа лицитација нема да можат да учествуваат шпедициите кои останаа без дозвола за царинско посредување. |