29.05.2012, 18:27

Станот на Ставрески e во квартот Чеви Чејс

Во анкетниот лист на министерот стои дека има стан од 90 квадрати во Вашингтон, вреден 200.000 долари, а моментно го издава по цена од 1.800 долари месечно

Соња Маџовска

Иако дебатата по интерпелацијата за министерот за финансии Зоран Ставрески навидум изгледаше здодевна, со веќе видени реплики и контрареплики, сепак повторно беа обновени некои стари обвинувања на опозицијата околу имотната состојба на првиот финансиер.

Тоа дека вицепремиерот Ставрески има стан во Вашингтон не е ништо ново. Тој сопственоста на овој недвижен имот ја има пријавено во неговиот анкетен лист. Во него има наведено дека станот е заеднички имот со сопругата, од 2002 година. Станот има 90 квадратни метри, се наоѓа во познат кварт во Вашингтон - Чеви Чејс. Според она што го има наведено министерот во анкетниот лист за имотната состојба, станот вреди 9 милиони денари, или 200.000 долари, а моментно го издава по цена од 1.800 долари месечно.

„Утрински весник“ истражуваше во кој кварт се наоѓа имотот на министерот, и колкава му е пазарната цена.

Чеви Чејс е населба во северозападниот дел на Вашингтон и се смета за една од богатите населби, карактеристични за американските предградија, каде што објектите се направени по сличен терк. Американските агенции за недвижности на нивните веб-страници немаат податоци по која цена се продава квадратен метар во овој дел од Вашингтон, туку само даваат процена на вкупната цена на становите и куќите. Според процените на најголемиот дел од имотите во населбата Чеви Чејс цените на становите се движат од 300.000 долари па нагоре. Излегува дека станот на министерот е еден од поевтините, а познато е дека по хипотекарната криза во САД во 2008 и 2009 година, цените на недвижностите доста се намалија.

Министерот за финансии станот го има купено уште во 2002 година, кога извршуваше функција во Светска банка, а таму живееше со семејството. Ставрески завчера остро ги отфрли обвинувањата на пратеничката Весна Бендевска од СДСМ, дека за овој стан биле издвојувани средства од буџетот, односно дека е плаќан со пари од даночните обврзници.

„Одговорно тврдам од оваа говорница дека чиста ноторна лага е дека оваа држава и даночните обврзници платиле и еден денар за стан на Зоран Ставрески што сум го купил во Вашингтон. Тоа е чиста лага. Имам купено стан со пари што ги заработував таму пет години. Ве молам ако немате доблест да се извините, барем во иднина замолчете и ова не го повторувајте. Срамота е!“, одговори Ставрески на обвинувањата на Бендевска, која излезе со обвинувања за тоа дека иако во земјава има огромна сиромаштија, македонските граѓани одвојувале пари за да му го платат станот на министерот во Америка и неговите кредити.

„Можам да прифатам дека живееме во тешки времиња и дека има многу предизвици пред економијата и не е лесно да се води економијата во вакви времињата. Ако има пропусти во тој дел, ако сум виновен што сум промашил проекција и ако е тоа причина за такви тешки зборови, во ред. Но, тежината на зборовите треба да ја испитате во вашата совест“, и' порача министерот на Бендевска. „Дали некој е должен како човек, не како министер за финансии, да биде на ваков начин квалификуван, и дали имате барем малку доблест кога дискутирате да се задржите во сферата на професионалниот ангажман на Зоран Ставрески“, ја праша тој Бендевска.

Според анкетниот лист, министерот за финансии, покрај овој стан, поседува уште еден стан во Охрид од 40 квадратни метри, од 1982 година вреден 310 илјади денари, неговата сопруга, пак, има стан во Скопје од 73 квадратни метри, во вредност од 1,2 милиони денари, и куќа од 279 квадратни метри исто така во Скопје од 3,5 милиони денари. Министерот поседува и два автомобила „хонда сивик“ од 2001 година, вреден 250 илјади денари, и „варбург“ од 1991 година, за кој вредноста ја проценил на 25.000 денари. Ставрески поседува и неколку штедни денарски и девизни книшки во Шпаркасе банка и една во американска банка.