Србија во шок: две најдобри другарки убиени во шума кај Ќуприја

Не се знаат мотивите за убиството на двете девојки

Србија е во шок откако во неделата, на Велигден, две девојки се пронајдени мртви покрај реката Ада во шума во близина на градот Ќуприја. Кој и зошто ги застрелал - се' уште е мистерија.

Белградските медиуми пишуваат дека телата на Ивана Стојковиќ (25) и Билјана Обрадовиќ (18) од селото Крушар кај Ќуприја биле пронајдени во неделата. Едното тело било пронајдено во автомобил „хонда“, во која се возеле девојките, а другото три метри подалеку. На Обрадовиќ и' била скршена ногата, но не се знае дали таа повреда настанала од куршум или од удар со тврд предмет, јавува „Блиц“.

Билјана, матурантка во гимназијата во Ќуприја, и нејзината најдобра другарка, Ивана, која била студентка во Белград, во саботата навечер излегле да се забавуваат во град. Со нив биле поранешното момче на Билјана, инаку роднина на Ивана, и еден негов другар. Четворицата продолжиле во куќата на поранешното момче на Билјана, но оттаму, околу 4 часот, двете девојки со автомобилот продолжиле кон реката Ада. „Никој не знае зошто заминале таму и дали некој ги викнал“, пишуваат српските весници.

Околу 6 часот, во семејствата на девојките почнала да се шири паника откако Ивана и Билјана не се вратиле дома. Почнале да ги бараат на мобилните телефони и ја алармирале полицијата, која подоцна ги пронашла телата на девојките.

Полицијата не соопштува детали од истрагата. (Х.Р.)


#