Водопадот и кањоните на Длабока Река го одземаат здивот
Најубавиот и најимпресивен кањон се наоѓа над селото Жужње
Киро Кипроски
ГОСТИВАР - Да се престојува во предели кои воопшто или малку се посетувани од човекот е неповторливо доживување, а впечатоците остануваат врежани во душата за вечност. Ова може да се почувствува по посетата на најголемиот водопад во Македонија и на Балканот, Длабока Река што се наоѓа под врвот Мал Кораб.
Планинарската тура ја организираа Здружението за културна афирмација на Мијаците - КАМ од Галичник и на ПД „Бистра“ од Гостивар. Дваесетина љубители на планината и природата престојуваа во пазувите на Кораб.
Маршрутата ја почнавме од населбата Маврови Анови. Со патнички моторни возила за малку помалку од еден час стигнавме во поткорапското село Нистрово. Десетина километри минавме по регионалниот пат Маврови Анови - Дебар, а кај месноста Пилана скршнавме десно, по локалниот пат што води за селата Рибница, Тануше, Бибај, Грекај, Жужње, Нистрово.
Маршот од Нистрово до село Жужње траеше половина час. Таму се одморивме. Куќите се празни. На портите огромни катанци. Во селото ниту петел да пропее, ниту човек да помине. Тишината царува. Само повремено се слуша песната на осамените планински птица, како и жуборењето на водотеците. Вода блика од сите страни.
Продолживме да пешачиме низводно, по живописната Длабока Река, која е лева притока на Рибничка Река и водите од овие две реки кај месноста Пилана се влеваат во реката Радика.
„Пред три-четири децении, како момче, со татко ми Велимир доаѓавме во овие краишта да ги посетиме овчарите кои ги напасуваа стадата со шилежиња. Тогаш патеките беа проодни. Во крајот живот се живееше, на сите страни имаше овци, крави, коњи, магариња. А сега е пусто“, со тага во душата зборува Коста Граоркоски, роден во Галичник и активист во Здружението КАМ. Тој додава дека заедно со ПД „Бистра“ имаат цел на домашните и на странските туристи да им ги доближат прекрасните предели. Патеките се маркираат за сите заинтересирани без тешкотии да стигнат до водопадот.
Трите кањони, поредени во низа, ја прават атрактивна Длабока Река. Најубавиот, највпечатливиот, најимпресивниот се наоѓа веднаш над селото Жужње. Овој кањон е долг околу еден километар. На десната страна е висок повеќе од 100 метри, додека левата страна е трипати повисока, над 300 метри. На дното широчината на кањонот е меѓу два и три метри. Вториот кањон е на просторот меѓу селата Жужње и Нистрово, во должина од 1,5 километар, а широчината на дното се движи меѓу 10 и 20 метри. Третиот кањон е најмал, долг околу 600 метри, а височината на страните се движи меѓу 100 до 150 метри.
За да пристигнеме до целта, двапати мора да се помине реката. Коритото обилува со многу вода, а на места се прелева. Високи букови дрва кои паднале од снеговите и невремето послужија како природен мост. Љубиша Тасески, кој е професионален водач на ПД „Бистра“ од Гостивар, за безбедно да се префрлиме на другата страна од реката, постави ортома. Така се префрливме и ја минавме првата пречка. Тука изгубивме два часа, но и тоа беше задоволство и предизвик.
Напладне пристигнавме кај водопадот Длабока Река што се наоѓа под врвот Мал Кораб. Водопадот е активен во периодот кога се топи снегот, од крајот на март па се' до средината на летото, како и во денови кога има поројни дождови.
Враќањето го организиравме по друга патека, која минува низ планината Кабаш. Тоа беше покус и побезбеден пат, со исклучок на две-три стрмнини. Таму остатоците на снегот создале „снежни јазици“. |