Новинарот Владо Танески се самоуби во притворската ќелија
Полицијата тврди дека Танески додека неговите тројца цимери спиеле се удавил ставајќи ја главата во кофа со вода
Гојко Ефтоски Даниела Трпчевска
ТЕТОВО – Кичевскиот новинар Владо Танески(56), кој беше осомничен за убиство на две сосетки во Кичево, си го одзеде животот во притворската ќелија во затворот во Тетово. Според официјалните информации од надлежните, Танески околу два часот по полноќ, додека неговите тројца цимери спиеле, влегол во бањата и се удавил ставајќи ја главата во кофа со вода. Еден од неговите цимери го забележал кога тргнал во тоалетот. По дваесетина минути откако не слушнал никаков звук, станал да провери што се случува. Влегол во бањата и го видел Танески на коленици, со главата во кофата со вода. Го викнале надзорникот и се обиделе да му дадат прва помош, но безуспешно затоа што Танески веќе бил мртов, велат во МВР.
На креветот на кој лежел само еден ден, оставил проштално писмо, во кое вели дека не ги убил жените за кои го обвинуваат. Танески во неколку реченици испишани на задната страница од судското решение кое му било врачено, напишал дека е горд на своето прекрасно семејство.
Смртта на Танески ја констатирала екипа од три лица: директорот на затворот во Тетово, судија на Основниот суд во Гостивар и лекар- специјалист по судска медицина. Телото на Танески по налог на истражен судија е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје.
На вчерашната средба со новинарите, Јордан Михајловски, директор на Управата за извршување кривични санкции, даде хронолошки опис на настанот, избегнувајќи детали кои рече дека ќе бидат јасни по завршување на истражните дејства.
Михајловски тврди на 21 јуни околу 20,40 часот, Владо Танески бил приведен со решение на истражен судија при Основниот суд во Гостивар со кој му била одредена мерка притвор од 30 дена. Бил во добра здравствена состојба и без траги на насилство, без знаци за самоубиство, а не била забележана ниту зголемена депресивност. Според Михајловски, новинарот бил сместен во соба со уште три лица за да се избегнат евентуални последици и истовремено да се следи неговото однесување. Додека престојувал во притворот делувал мирно.
Како што може да се дознае, разговарал со лицата во собата, но и со службени лица во затворот. За тоа време немал посета.
„Во неделата вечерта не покажувал однесување за да се посомнева во нешто необично. Не се сомневале ниту луѓето што биле во истата соба со него. Подоцна вечерта откако легнале, притворениот отишол во бањата откако забележал дека другите во собата спијат“, вели Михајловски. Сепак, еден од неговите цимери забележал дека подолго време го нема да се врати.
„Околу 1,50 часот отишол во бањата да види што се случува. Видел дека Владо ја имал ставено главата во кофата со вода. Веднаш презел мерки и ги алармирал дежурните во затворот, кои се обиделе да му помогнат. Повикана била и брза помош која пристигнала за седум минути. Екипата на здравствени работници се обидела да го реанимира, но не успеала“, вели Михајловски. Потоа биле преземени други мерки. Формирана била комисија во состав од директорот на затворот, Нуриман Тефики, истражен судија при Основниот суд во Гостивар, Мемет Алиу, и лекар-специјалист по судска медицина од Клиничката болница во Тетово, д-р Драшко Деспотоски.
„Комисијата констатирала смрт, а телото на Владо Танески вчера изутрина околу 5,10 часот било пренесено во Клиничката болница. Затворските органи го известиле и семејството на починатиот, а набргу потоа допатувала неговата сопруга во Тетово“, додава Михајловски.
Тој ништо не кажа за содржината на прошталното писмо најдено во креветот, не одговори на новинарско прашање како можел да се удави во кофа вода оставена во бањата, ниту пак како можел еден од неговите цимери во собата да се сети да го побара во време кога сите спиеле. На новинарски прашања одговараше и директорот на затворот, Нуриман Тефики, кој причината за тоа што во бањата имало кофа со вода ја објасни како потреба за одржување на хигиената, бидејќи „има проблеми со рестрикција на вода“.
„Притвореникот во кофата си го одзел животот. Како тоа се случило ќе објаснат натамошните истражни дејства и наодите на судска медицина. Ние будно го следевме притвореникот. Не даваше знаци на никакво сомнително однесување, ниту вечерта нешто навестувало дека ќе се самоубие. Целосно се посветивме на случајот со притвореникот. Не го оставивме сам намерно за да биде следен. Вечерта чекал другарите од собата да заспијат. Ја пуштил да тече и чешмичката во бањата за да ја скрие трагата. Постапивме строго по правилото на службата“, вели Тефики. На новинарско прашање дали на телото имало знаци на насилство, директорот на затворот во Тетово рече дека комисијата од три члена такви знаци не забележала, но дека „подетаљно ќе се произнесе судската медицина“.
Од МВР најавуваат дека ќе се спроведе вештачење на кофата и водата во која се удавил Танески за да се провери дали можеби во неа имало и некакви други средства, од кои тој би можел да се затруе.
До вчера во попладневните часови телото на Владо Танески беше во Одделот за судска медицина на Клиничката болница во Тетово. Директорот Хасан Љума рече дека ќе биде пренесено во Институтот за судска медицина во Скопје заради утврдување детали. „Поради недостиг од опрема и други елементи, одлучивме обдукцијата да се изврши во Институтот во Скопје. Од повеќе причини и проблематичност на случајот се договориме компетентни луѓе да дадат извештај“, рече Хасан Љума. И директорот на тетовската Клиничка болница се огради на прашањето за евентуални знаци на насилство, оставајќи тоа да го кажат стручните лица по обдукцијата.
Портпаролот на МВР, Иво Котевски, вчера информира дека во ќелијата, под перницата на Танески е пронајдено решението со кое истражниот судија од Основниот суд во Гостивар го упатил Таневски во притвор, каде што на задната страна од листот новинарот напишал дека е горд на сопственото семејство кое било многу добро и оти не стои зад убиствата за кои беше осомничен.
Танески беше приведен поради убиствата на Митра Силјаноска и Живана Темелкоска. Постоеше сомнение дека Танески бил вмешан и во убиството на Љубица Личоска, како и во исчезнувањето на Горица Павлоска, која е исчезната во 2003 година и се' уште не е пронајдена. |