Жена загина, а двајца се тешко повредени во сообраќајка
Веселка Пишмановска (77) од битолско Ивањевци го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа
БИТОЛА - Веселка Пишмановска (77) од битолското село Ивањевци не успеа да преживее по тешката сообраќајна несреќа во која уште двајца сопатници се здобија со тешки повреди, но се надвор од животна опасност.
Несреќата се случила во петокот околу 17 часот на магистралниот пат Битола - Прилеп пред стовариштето за сточна храна „Никола транс“, само половина километар од селото Горно Оризари.
До несреќата дошло кога битолски автомобил БМВ, зад чиј волан бил 27- годишниот С.С., движејќи се од Битола кон Прилеп, се обидел да го престигне автомобилот „југо 45“ управувано од Д.П. (45) од селото Ивањевци. Возачот на „југото“ во критичниот момент сакал да сврти и да се исклучи од патот. Во тој момент во него удрило БМВ-то. Од силниот удар и двата автомобила излетале од коловозот.
Во несреќата Пишмановска, која била во „југото“ се здобила со тешки телесни повреди. Иако веднаш била пренесена во битолската болница, сепак, и' немало спас. Повредената жена за кусо време им подлегнала на повредите.
Со тешки телесни повреди се здобил и возачот на „југото“ - фрактура на левата рака и потрес на мозокот, додека, пак, другата негова сопатничка минала со полесни повреди. Двајцата се пренесени во битолската клиничка болница, каде што се задржани на лекување.
Битолските истражни органи извршија увид за да се утврдат причините за сообраќајната несреќа што однесе еден живот. Истражен судија нареди обдукција врз мртвото тело на Пишмановска. Само за еден месец ова е втора сообраќајна несреќа на истото место на магистралниот пат Битола - Прилеп. Претходно на тоа место загина 19-годишниот матурант Виктор Дамјанов, кој изгубил контрола над автомобилот и со голема брзина удрил во дрво. (А.Б.) |