Градот ќе гради панорамско тркало за поглед на „Скопје 2014“
Градот бара идејно решение за тематскиот парк што е предвидено да се гради меѓу Камен и мостот „Гоце Делчев“
Деспина Трајковска
Дефинитивно, градбите од „Скопје 2014“ ќе се гледаат како на дланка од педесетметарското панорамско тркало поставено во срцето на градот. Градските власти се во потрага по урбанистичко-архитектонско решение за тематскиот парк во кој централно место ќе има панорамата. Предвидено е да се гради во зелениот појас крај кејот на десниот брег на Вардар, меѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“.
Кога ќе почне изградбата и колку пари ќе чини оваа, дефинитивно, атракција за Скопје, ќе се знае дури по завршувањето на постапките за избор на идејното решение. А кој ќе биде главен финансиер официјално никој не кажува, исто како и тоа чија е, всушност, идејата за изградба на панорамата што речиси преку ноќ се вцрта во предметниот урбанистички план.
Градоначалникот Коце Трајановски поради службено патување во странство вчера не беше достапен за подетаљно да информира за проектот. Но, очигледно и градските власти и општинарите од Центар не ги разграничиле обврските, но можеби чекаат крајна одлука од Владата, ако се има предвид оти е јавна тајна дека ДУП „Мал ринг“ е цртан по нејзините урбанистички визии.
Засега единствено е познато дека Град Скопје го бара потребното архитектонско-урбанистичко решение. Во јавниот повик е наведено дека се бара терк за уредување на тематски парк за рекреативно, забавно и панорамско разгледување на градот - панорамско тркало. По изборот на идејното решение Градот ќе нарача и изведбен проект. Така, практично градските власти ќе станат носители на проектот и преку него ќе дадат свој придонес во владиниот проект „Скопје 2014“ покрај тековните активности за обновување на фасадите во центарот на градот и реконструкцијата на оградите на мостовите. (Дс.Т.) |