Упад во младинскиот протест поради убиството на Мартин

Политиката вмеша прсти во маршот на младите поради полициската бруталност

Светлана Унковска

Групата млади што изминативе две недели маршира во знак на протест поради бруталното убиство на 22-годишниот Мартин Нешковски, вчера пред Спомен-куќата на Мајка Тереза ги продолжија протестите со концерт на кој настапија неколку македонски музички групи.

Откако заврши концертот тие повторно маршираа низ скопските улици под паролата „Стоп за полициската бруталност“. Групата помина низ булеварот „Климент Охридски“ до Соборниот храм, а оттаму се упати пред Владата. По кратко задржување потоа младите отидоа пред скопското Обвинителство, барајќи целосно расчистување на случајот.

„Бараме сите институции да се вклучат во обелоденување на сите доказни материјали за случајот со убиството на Мартин Нешковски“, велат младите демонстранти. Тие тврдат дека имаат сознанија оти многу од доказите се кријат и не се достапни ниту за одбраната ниту за Обвинителството. Тоа се лентите со снимениот материјал од вечерта на плоштадот што ги нема никаде, а и камерата е отстранета оттаму“, вели Петар Стојковиќ, еден од учесниците на протестот.

Но, од пред неколку дена протестот почна да добива поинакви контури затоа што се вмеша политиката. За денеска е најавен контрапротест на друга група млади што се претставуваат дека се дел од оние што деновиве маршираат во знак на револт поради полициската бруталност. Оваа група тврди дека СДСМ дава инструкции за протестите и ги снабдува младите со свирчиња и со мегафони. Тие денеска, како што претходно најавија, ќе протестираат пред седиштето на СДСМ. Стојковиќ вели дека досега ниту ги виделе крај нив, ниту, пак, слушнале за нив.

„Таа група, која излезе на прес-конференција на која беа повикани само одбрани медиуми, за нас е непозната. Ги прашав и другите, па и тие тврдат дека ниту биле дел од нас ниту досега присуствувале на нашите протести. Тоа е многу симптоматично. Претпоставуваме дека се политички инструирани од некои центри на моќ. Очигледна е нивната заднина и кој стои зад нив“, оценува Стојковиќ.

Стојковиќ отфрла каква било поврзаност со политичка партија и вели дека тој и другите учесници во протестите се независна граѓанска иницијатива против одредени лоши состојби. „Ги повикуваме сите граѓани што не се согласуваат со бруталноста на полицијата да ни се придружат, па дури и да се членови на партија, но не се добредојдени ниту еден од оние што сакаат политички да профитираат преку нашите протести“, вели тој.

Претседателот Ѓорге Иванов побара расветлување на случајот. Тој ги поддржа младите и нивната иницијатива за отворање дебата за работата на службите на редот и мирот и нивната работа и одговорноста во рамките на законот. Иванов, како што рече во отвореното писмо, ја смета искрена одлуката на младите луѓе да се ангажираат со цел да ги изразат своите ставови во подобрување на демократијата.

„Се придружувам во повиците овој случај да биде расветлен преку институциите на системот, во согласност со Уставот и со законите и одговорното лице или лица да бидат казнети, правдата да биде задоволена и да биде опомена за спречување на вакви трагедии во иднина. Секогаш сум поддржувал и сум учествувал во иницијативи за отворање дебати како да се обезбедат повисоки стандарди на демократијата и слободата во Македонија“, вели Иванов во отвореното писмо.

Како ќе заврши целиот случај, се' уште не се знае. Демонстрантите што го крстосуваат центарот на метрополата катадневно откако младиот Мартин на брутален начин го загуби животот, добија етикета од владејачките кругови дека се инструмент на опозициската СДСМ. Обвинувањата се дека протестите имаат цел да предизвикаат пошироки безредија и дискредитирање на новоизбраната власт и дека нивни главни поттикнувачи и учесници се луѓе блиски до фондацијата Институт отворено општество (СОРОС). Такви етикети во изминатиот период добија и протестите на стечајците, на тутунарите, млекопроизводителите, професорите.

Експертската јавност укажува дека ова е класичен обид на власта да го намали легитимитетот на протестите, но воедно и додава дека овој феномен ниту го измислила оваа власт ниту, пак, таа последна ќе го практикува.

„Проблемот е во тоа што оваа власт го користи како класичен модус операнди начин на дејствување што веќе станува проѕирен. Згора на тоа, детето за кое има контрапротести е член на ВМРО-ДПМНЕ и сега ќе протестираат против детето!? Мислам дека сами ќе се доведат во една ситуација што не можат да ја продадат како автентична и веќе е јасно дека се работи за манипулација“, вели комуникологот Петар Арсовски.


#