11.07.2012, 16:43

„Мајка ми е убиена поради нејзината добрина“

Струга – Кривична пријава за убиство и 30 дена притвор заработи 38-годишниот Гзим Максути (38) од струшкото село Калиште, кој завчера ја убил 78-годишната Милица Лазороска. Според полицијата, немало ниту претходен мотив, ниту посебна причина за извршувањето на овој грозоморен чин. Стружанката беше избодена со нож завчера претпладне во дворот на нејзината семејна куќа.

Полицијата информира дека убиството кое ги вознемири стружани се случи на улицата „Маршал Тито“ во центарот на Струга. Жената го примила на гости Максути, кој сакал да ги посети татка си и неговата сестра, кои поради семејни расправии, извесно време живееле во куќата на Лазороска. Стружанката го послужила гостинот со кафе и додека седеле и разговарале во дворот, Максути во еден момент го зел ножот од масата и и' задал удар во вратот. Повредената жена веднаш била префрлена во болницата во Струга, но за кратко време им подлегнала на сериозните повреди.

Синот на убиената Милица, Јованчо Лазороски, во шок и неверување за она што и' се случило на неговата мајка, вели дека таа била убиена без причина.„Мајка ми почина од нејзината добрина. Убиена е без причина, без никаква расправија. Утрово таткото на убиецот, кој беше во кавга со него поради што и побегнал од дома, ми кажа дека стравува за својот живот. Но, ете настрада мојата мајка“, изјави видно вознемирен Јованчо Лазороски.

И од полицијата велат дека нема конкретен мотив за убиството.

„Пред самиот чин на убиството не претходела каква било вербална расправија, ниту пак меѓу убиената и Максути имало некаков претходен конфликт или недоразбирање, што потврдува дека немало основен или директен мотив за ова дело“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР-Охрид. (Е.М.)