02.04.2012, 18:03

Мое ќоше

Пресметка кај О.К. Кочани

Ерол Ризаов

Пресметката со криминалот и криминалците мора да биде еднакво жестока и со извршителите, но и со нарачателите

Конечно стасаа добри вести од Кочани. Ги чекавме цели три-четири години. Зададен им е тежок удар на бандите со тркалезни глави, дебели вратови со тешки синџири. Така барем може да се чуе од телевизиите и да се прочита во весниците. Со години обичните и чесни луѓе во градовите живеат во страв соочени со терор од криминалци и најдолен човечки слој, кој речиси непречено го земаат законот во свои раце. Тие судат и пресудуваат. Ова е мачно секојдневје на преплашената јавност. Медиумите пишуваат редовно... како во приказната со карванот и кучињата. Премногу долго државата и нејзините институции беа неми поддржувачи на оваа анархија и царство на гангстерите. Убиства, киднапирања, уцени, комар, проституција, трговија со луѓе и со дрога, рекет, лихварство, наплата на долгови, претепување луѓе е само еден дел од арсеналот на злосторства против граѓаните кои не ја чувствуваат државата како заштитник.

Неисе, никогаш не е доцна. Акцијата на полицијата во Кочани, Виница, Крива Паланка, која според првичните сознанија е добро осмислена, е за секоја пофалба. Да се надеваме дека и во другите градови ќе се стега обрачот околу криминалците и силеџиите кои ги тероризираат граѓаните. Ќе биде тоа враќање на долгоочекуван долг на власта кон огромното мнозинство мирно и чесно население кое одвај врзува крај со крај и живее во сиромаштија. Згора треба да плаќа данок на кабадахиите и башибозукот. Меѓутоа, сите мораме да бидеме свесни дека апсењата на криминалците во Кочани, Виница, Паланка.... и оние што допрва ќе уследат по македонските градови и населени места е само последица на една трагична состојба во која се наоѓаат жителите на Македонија и во која се наоѓа целото општество. Причините се многу подлабоки и се директно поврзани со нефункционирањето на правната држава, со процутот на организираниот криминал и со спрегите на политиката со подземјето. Нема човек што за време на предизборните кампањи, митинзи и прослави на изборни победи на градските плоштади не ги видел тие сурати и јајчести глави во близина на највисоките функционери и политичари. На една таква прослава е убиен Мартин Нешкоски на плоштадот во центарот на Скопје. Во меѓусебни пресметки на криминалци беа инволвирани и луѓе блиски до обезбедувањето на политичкиот врв. Се разбира, оваа симбиоза политика – криминал не е нова и не може да се препише само на една политичка партија. Таа тргна поизразено со македонската транзиција за овие години да го доживее процутот.

Одлуката на полицијата да почне со расчистување на последиците што ги сеат зулумќарите и арамиите низ Македонија навистина е во последен час и се доживува со големо олеснување. Гледано од тој агол, министерката Гордана Јанкулоска и надлежните полициски служби заслужуваат честитки и охрабрување да продолжат со своите акции. Останува да се сработи потешкиот дел од вистинската пресметка со злото. Тој се наоѓа во политичките кабинети каде што седат луѓе со бели јаки и со вратоврски, убаво дотерани во костуми по европски терк. Ни слично на оние градски битанги и насилници. Во тие кабинети треба да се изгради политичката волја за создавање амбиент конечно во Македонија да профункционира правната држава, да почнат да важат законите за сите граѓани еднакво, за луѓето да се чувствуваат сигурни, безбедни и слободни. Без таква поширока акција која зафаќа повеќе сегменти од животот, образованието, културата и повеќе институции на системот, а не само полицијата, не е можно изградба на правна држава, пристојно и безбедно живеење на населението. Создавањето амбиент за постојана пресметка со криминалот и криминалците бара да се удри еднакво жестоко и по причините и по последиците, односно и по нарачателите и по извршителите на злосторствата. Ако полициските спектакуларни акции се сведат на парада и апсење само на ситните улични крадци и џепароши, без приведување на големите босови и без ефикасна судска разврска, тоа нема да биде ништо друго туку само предизборна кампања. Во градовите нема нешто што може да се скрие. Луѓето многу брзо ќе видат дали полесно се дише или ова е само привремено вештачко дишење.