СДСМ бара излез по оставката на Шекеринска

Некои сметаат дека оставката ќе предизвика огромна штета за партијата и веруваат дека има простор таа да се премисли

Оливера Војновска

Најавената оставка на лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска од партиското кормило испровоцира вистинско шаренило од реакции кај социјалдемократите, а поттикна и апетити кај некои од нив. Едни сметаат дека плановите за нејзино заминување од челната позиција во СДСМ се избрзани, дека ќе предизвикаат огромна штета за партијата и веруваат дека се' уште има простор Шекеринска да се премисли. Некои се повоздржани во оцените, но има и такви во чии коментари се препознаваат личните амбиции за претседателското место во СДСМ.

Сите се единствени дека немале претходна информација за одлуката на Шекеринска. Таа вчера за „Утрински весник“ потврди дека за неа „е важен принципот на одговорност за изборниот пораз и дека останува на тој став“. Шекеринска вели дека уште вечерта кога го признала изборниот пораз била сосема јасна дека планира да се повлече од функцијата. Шекеринска смета дека „нема потреба од дополнително губење време, затоа што многу скоро доаѓаат локалните избори“.

Потпретседателот на СДСМ Игор Ивановски смета дека не треба да се брза со процедурите, бидејќи не е завршена постапката околу изборите. „Прво треба да завршат изборите, да се анализираат резултати и да се усвои извештајот. Потоа, поради ваквиот изборен резултат е сосема легитимно и потребно да се бара и да се поднесе одговорност од целото раководство. Конечно, СДСМ, за разлика од ДПМНЕ, не го прави еден човек. На СДСМ му е потребен мудар и ефикасен концепт како по овие избори да излезе посилен, пообединет и да остане со своите многубројни членови кои ја дадоа поддршката на овие избори“, смета Ивановски.

Тој напоменува дека овие прашања ќе се разгледуваат внатре во партијата, а не преку медиумите. Ивановски очекува јавноста да биде повеќе заинтересирана „за тоа што ќе прави Груевски сега кога доби апсолутна власт“.

Актуелниот градоначалник на Карпош Андреј Петров е категоричен: „Оставката е личен чин и за неа не треба да се дебатира. Од почит спрема личноста, таа се прифаќа. Тоа е демократско право и треба да се почитува“. Петров нема да го врати пратеничкиот мандат. „Кога некој ќе прифати да биде на кандидатска листа, потоа не треба да се шпекулира и да ја изигра добиената доверба од граѓаните“, вели тој. Прашан дали се гледа на местото на Шекеринска во партијата, вели: „На СДСМ му треба човек што ќе ја обедини партијата, затоа треба да се седне и да се направи сериозна анализа. Преамбициозно е за себе да кажувам дали сум јас таа личност“.

Потпретседателот на СДСМ Зоран Заев нагласува дека Шекеринска формално не поднела оставка и тој е убеден дека партијата нема да дозволи таа да ја напушти лидерската функција. Заев тврди дека на нејзиното заминување се противи членството. „Шекеринска е прекратко на функцијата. Има огромна реакција од општинските организации, кои масовно и' искажуваат поддршка. Разговарав со неа и мислам дека ќе се премисли. Познавајќи ја како горделива и принципиелна личност, разбирам зошто сака да поднесе оставка. Но, лидерот на една партија мора да размислува пошироко и да има повисоки вредности. На СДСМ сега му е потребна брза консолидација, а не заминување на претседателот. Тоа би било погубно за партијата“, ни изјави Заев, додавајќи дека Шекеринска, сепак, успеала да го крене рејтингот на СДСМ од девет на 13 отсто.

Екслидерот на СДСМ Владо Бучковски, оградувајќи се дека се работи за личен чин и дека е неблагодарно да се коментира, вели: „Шекеринска го почитува принципот, чиј промотор беше токму таа. Мислам дека СДСМ пребрзо не' потроши и мене и Шекеринска. Сега се гледа дека во 2006 година избрзано и непотребно се инсистир��ше на промена на претседателот. Се покажа погрешно, зашто лидери не се создаваат преку ноќ“.

Тој не сака да прогнозира како ќе се развиваат состојбите во СДСМ, ниту, пак, за можните наследници на Шекеринска. Категоричен е дека на партијата и' е неопходна консолидација, а најмалку што и' треба во овој момент се заткулисни игри и работење зад грб. „Треба да се покаже ширина да се обединат незадоволните, маргинализираните, и да се вратат назад, условно кажано, избрканите членови. Ќе помогнам во обединувањето на партијата, но не како нејзин прв човек“, вели Бучковски.