Си велам...

Најтешкото допрва доаѓа

Ерол Ризаов

Владата мора повеќе да се грижи колку што е можно помалку компании да пропаднат за време на кризата

Македонија е во голема економска криза и Владата повеќе не треба да бега од тоа. Како и остатокот од светот, неподготвени ја дочекавме кризата која не можеше да се одбегне. Затоа беа губење време и сосема непотребни изјавите на министрите дали имаме или немаме криза. Кризата е тука, стасана е и разорува со сета своја жестокост. Приходите паѓаат, се отпуштаат вработените. Веќе околу 8.000 луѓе се на принудни одмори, или останаа без работа. Најтешкото допрва доаѓа.

Во ваква ситуација, лошо е да се пропагира лажен оптимизам, а уште полошо е да се даваат ветувања дека лесно ќе ја пребродиме кризата и дека има решенија кои ги немаат и најмоќните земји во светот. Затоа владиниот тим место да шета низ Македонија во предизборна кампања, цели три месеци пред изборите, најдобро е да си ги засука ракавите и да преземе вистински мерки, а не оние за кои дури и поддржувачите на власта се изјаснија дека практично не значат ништо, или се само капка вода во океанот. Владините мерки од 300 милиони евра издишаа како балони од новогодишна елка уште пред да се донесат. Секогаш е така кога се нудат како помош пари што не постојат.

Најсилни последици кризата ќе остави во металската индустрија и во рударството. Во овие дејности се откажуваат сите нарачки, а цените на берзите стрмоглаво паѓаат. Вработените седат дома во неизвесност. И градежништвото е под силен удар, бидејќи сите инвестиции се намалени, а банкарските кредити секаде во светот секој ден се поскапи. На традиционалните пазари на нашите градежници се одлагаат започнатите инвестиции, а за нови нема ни збор. Менаџерите веќе прават списоци за отпуштање вработени. Поддршката на Владата треба најнапред да се насочи кон оние сектори како што се металската индустрија, рударството и градежништвото. Владата мора повеќе да се грижи со дополнителни мерки колку што е можно помалку компании да пропаднат за време на кризата. Македонската Влада се' уште нема конзистентен став и план што ќе прави со прелевањето на светската криза во Македонија. Министрите и премиерот зборуваат различни работи. Повторуваат пароли кои немаат врска со ситуацијата. Некои велат дека треба да се спасуваат компаниите со државни интервенции, други тврдат дека е погрешно преголемото мешање на државата во работењето на компаниите. Во светот оваа дилема е разрешена. Компаниите се спасуваат со интервенции на државата. И крај. Тоа го прави без малку целиот свет додека теоретичарите водат полемики дали и колку се напушта капитализмот, колку бил или не бил во право Маркс итн., итн. Едно е сигурно, ако се уништат компаниите - тие веќе нема да постојат. Тој филм го видовме и го гледаме се' уште низ целата транзиција.


Јоже Менцингер

Познатиот словенечки економист и поранешен министер и ректор на Љубљанскиот универзитет, д-р Јоже Менцингер, е еден од ретките што ја предвиде кризата, предлага државни гаранции за задолжување на банките, а не ја отфрла можноста државата да земе кредити и депозитите да ги стави во банките со услов тие да го кредитираат стопанството. Менцингер инсистира владите да бидат докрај прагматични и мобилни, да ја поддржат одделно секоја компанија, дури ако треба државата некои компании да ги докапитализира. Уделите и акциите во пензиските фондови што ги има државата можат да бидат гаранција за државни кредити со што некои компании ќе се докапитализираат. Тоа го прават сите во целиот свет, зошто не би го правеле земјите во регионот, вели Менцингер. Менцингер оди дотаму што без комплекси посочува дека некои од овие решениј�� постоеле во социјалистичкото самоуправување, а сега, според него, повторно се прилично релевантни. Тогаш не се отпуштаа работници, туку се бараа начини како да се задржат. Светот, а и ние сега ќе мора да одиме во тој правец, притоа мора да се имаат предвид специфичностите што ги има секоја земја, особено во нашиот регион. Состојбите не се исти ни сега, ни порано, во Словенија, во Србија, во Хрватска и во Македонија. Но, сигурно во сите овие држави владите мора да бидат многу брзи и да ги следат состојбите од час во час со конкретни мерки.

Економистите, некои од нив и нобеловци, истовремено укажуваат и на ризиците од земање кредити. Ако Македонија го избере, на пример, тој принцип и да се задолжи, за што веќе имаше најави од министерот за економија Бесими, и да почне „њу дил“ со изградба на големи инфраструктурни објекти, кои навистина ни се неопходни, мора да се биде мошне претпазлив, бидејќи државата има голем трговски дефицит. Во таков случај кога има дефицит, што значи многу повеќе трошиме отколку што имаме, плус ако на тоа се додаде ново големо задолжување во странски банки ,веднаш ќе има силен притисок за девалвација на денарот за што во Македонија веќе се' погласно се заговара, иако официјалните институции категорично демантираат. Се разбира, никој не најавува девалвација однапред. Ако, пак, се направи значајна девалвација, тоа значи дека ќе враќаме многу повеќе денари отколку што сега ќе земеме како кредити во девизи. Последиците, пак, од девалвацијата ќе бидат погубни за сите што работат за денари и што штедат денари, што зеле кредити, или имаат акции во македонските компании. Тие ќе ја платат девалвацијата како и секогаш.

Професорот Менцингер е многу остар спрема политичарите во целиот регион. Тој вели дека некои политичари кои одлучуваат и преземаат мерки во врска со кризата ништо не знаат и се' уште повторуваат некои фрази од неолиберализмот, период што трае веќе 40 години. Тоа особено се однесува на тие што велат дека државата не треба да интервенира во компаниите. Работите се сосема спротивни. Сега е дојдено до пресврт, државата треба да интервенира. За Менцингер е глупава дилемата дали треба да се спасуваат добрите или лошите компании. Тој ги советува владите да заборават на економските догми. Штом е дојдено нож до коска некои работи мора да се менуваат од корен. За два месеца ЕУ ја смени целата економска наука. Европа, која толку се занимаваше со конкурентноста, сега дозволува да се даваат субвенции и во банките и во други дејности за кои порано не беше замисливо да се делат пари. Тоа да се случеше во ЕУ пред неколку месеци Европската комисија бесна ќе испратеше негативни оценки. Сега самата ЕУ предлага големи финансиски пакети како субвенции. Тоа е типично за Европа да се напуштаат сопствените правила ако тоа е неопходно. Тоа, всушност, ја одржува Европа. Тоа е европски стил на размислување: кога е густо мора да се биде прагматичен и брз, да се менуваат работите, па дури и ако биле свети. Ако Европа строго се придржува на правилата, би се распаднала одамна. Правилата се тврди и строги за малите држави, а кога се во прашање големите Германија, Франција, Англија, ЕУ лесно ги менува.

Она што во вакви кризни ситуации е посебно опасно се најразличните социјал-утопистички идеи за спасување на економијата. Се појавуваат речиси во сите земји погодени од кризата. Разни сплеткари имаат волшебни спасоносни формули: ќе изградиме 50, 100, 200, 300 фабрики за една-две години. Секоја од нив ќе чини по 2-3 милиони евра, ќе се вработат стотици илјади луѓе. Државата ќе даде 30 отсто, приватните инвеститори 70 отсто и готово. Македонија е спасена. Не дај боже по вакви будалштини да тргне и Владата. Еднаш ги видовме вселенските глупости во една предизборна кампања каде што главен јунак беше милијарда долари, а влогот беше Македонија. Сега, пак, се промовираат слични идеи.

Идеологот за изградба на 50 нови фабрики медиумскиот магнат Велија Рамковски ќе направи многу повеќе ако ги среди работите во своите „фабрики“ и се заложи за едно попрофесионално и почесно новинарство отколку да гради кули од карти. Приказната за 50 фабрики личи на онаа кога некој си „чок ак’лија“ одлучил да купи 100 овни со туѓи пари, сметал со кожите да ги плати трошоците во кланицата, со продаденото месо да ги врати парите, а како профит да му останат 200 бели бубрези. Ете тоа е Бајрам со умот.