Цела Тиквешија под блокада
Лозарите, разочарани од ниските откупни цени на грозјето, со стотина трактори го затворија сообраќајот на патните правци до Скопје
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Цела Тиквешија е под блокада откако лозарите разочарани и лути од катастрофално ниските откупни цени на грозјето со стотина трактори го затворија сообраќајот на патните правци по кои се стасува од Прилеп и од Битола до Скопје.
Блокади беа поставени кај Росоман и кај Дреново, а во Неготино на влезот и на излезот. Лозарите не ги поштедија ниту винарските визби „Тиквеш“ и „Повардарие“, кои ги изиграа со ветувањата за задржување на ланските откупни цени за родот. Се пропуштаа само возила на Брзата помош и луѓе што имаа здравствени проблеми, а нема никакви изгледи за прекинување на протестот. Бунтот на лозарите продолжува и денес, тие најавуваат дека ќе останат на блокадите и дека ќе го спречуваат сообраќајот се' до исполнување на своите барања.
Парализата на патиштата беше причина за нервозни реакции од патниците, кои бараа ослободување на блокадите. Вербалните расправии добија во интензитет, па во еден момент се случи тепачка во која дел од штрајкувачите се здобија со полесни повреди.
Лозарите бараат до крајот на септември целосна исплата на ланското грозје и парите што ги намени Владата за да се насочат визбите кон лозарите. „Имаме легални блокади навреме пријавени во полиција. Бараме враќање на старите цени. „Смедеревката“ да не се откупува поевтино од 8 денари, а „вранецот“ не помалку од 10 денари. Да се отфрлат шеќерните единици, бидејќи визбите најмногу манипулираат со нив. „Вранецот“ почнува со технолошка зрелост од 18 шеќерни единици, а визбите ја зголемија на 20 шеќерни единици. Лошо е тоа што нема законско решение за технолошката зрелост и за шеќерните единици“, рече претседателот на „Агротиквешија“, Љупчо Аризнаов, и потенцира дека на завчерашниот состанок со вицепремиерот и со визбите не бил постигнат договор. Тој вели дека прифаќаат преговори само со премиерот Никола Груевски, а договореното со визбите да биде потпишано на хартија. Аризанов вели дека лозарите би биле задоволни доколку Владата одлучи парите што ги намени за субвенционирање на визбите да ги насочи кон нив за да ги покријат барем трошоците за производство. Грозјето ќе го остават на нивите, наместо да им го даваат на винарниците без пари.
На блокадите на магистралниот пат Битола - Прилеп - Скопје кај Дреново беше тензично. Нервозни патници се расправаа со лозарите. Во почетокот на блокадата имаше инцидент. Лозарите обвинија дека млади момчиња што патувале со автобус од Битола ги навредувале со зборовите „сељаци“, а потоа сакале да им фрлат трактор во дол. Тоа било причина за тепачка. Лозарот Перо Ѓорѓиев од Дреново добил лесни повреди по лицето. Патниците реагираа затоа што лозарите не им дозволиле да го продолжат патувањето. „Не' нападнаа со хебли и шрафцигери“, обвини битолчанец и им препорача на лозарите да протестираат пред Влада наместо да блокираат патишта.
Имаше и луѓе со авионски билети што требаше да стигнат до скопскиот аеродром, но останаа заробени на блокадите. На блокадите чекаа и банкарски комбиња, но и возило на МВР. Наидовме и на возачи што стрпливо чекаа на блокадите, а изјавија дека ја разбираат маката на лозарите.
Штрајкувачите останаа доследни на предупредувањата дека нема да дозволат политичарите да ги искористат протестот и блокадите за политички маркетинг. Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, со свирежи беше пречекан во Неготино.
Од ОО на СДСМ до јавноста се обратија со писмен допис, бидејќи ја почитувале одлуката на лозарите партиите да не го користат протестот за сликање. Упатуваат безрезервна поддршка до лозарите.
„Пратеникот Никола Ќурчиев побара Собранието да расправа за проблемите на лозарите, меѓутоа предлогот не беше прифатен од пратениците на ВМРО-ДПМН��. Ова одбивање е доволен аргумент дека Владата кумува со винарските визби, а не СДСМ како што постојано не' обвинуваат“, се вели, меѓу другото, во писменото обраќање на кавадаречките социјалдемократи. Тие апелираат Владата да го прифати нивниот предлог за издвојување буџетски средства со кои ќе се реши проблемот на лозарите за исплата на ланското грозје.
„Ако може да се издвојат 6 милиони евра за Општина Центар за лавови, тогаш треба да се дадат пари и за лозарите“, велат од ОО на СДСМ Кавадарци.
Лозарите во Неготино импровизираа погреб на лозар, кој како што рекоа, починал поради превисоките цени за грозјето и палеа свеќи. Така симболично сакаа да прикажат дека лошата откупна политика го погреба лозарството.
Тасо Бошков, лозар од с. Сопот со 7 хектари лозов насад, се пожали дека една година чека визбата каде што го продал ланското грозје да му исплати 10 илјади евра. Досега му биле исплатени само илјада евра. Тој вели дека визбите наместо да бидат нивни партнери, посегнале кон уништување на лозарството.
Производителите се пожалија дека се на работ на преживување. Со цените што им ги нудат визбите не можат да ги покријат ниту основните трошоци за производство, а не, пак, да ги хранат своите фамилии и да ги платат сметките за струја, вода...
Заедно со лозарите на блокадата пред винарската визба „Тиквеш“ беа градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, и советниците. Панов рече дека лозарите биле принудени на ваков чекор, бидејќи нивните барања не биле прифатени од визбите. |