„Феникс“ испрати историски фотографии од пределите на Марс
Вселенското летало ќе ја почне својата тримесечна научна мисија во следните неколку дена
Вселенското летало на НАСА ги испрати првите историски фотографии од неистражените предели на Марс. Вселенското летало „Марс Феникс лендер“ слета во најоддалечениот северен дел на Црвената планета, по поминати 680 милиони километри од Земјата. Сондата е опремена со роботска рака што ќе може да бара вода-мраз, за која се верува дека е закопана под површината. Таа во следните неколку дена ќе почне да го истражува местото во потрага по докази за органски живот. На 25 мај во 23,53 часот беше примен сигнал со кој се потврди дека леталото слетало на површината. Инженери и научници од Лабораторијата за млазен погон (ЈПЛ) на НАСА во Калифорнија ракоплескаа и весело довикнуваа кога го добија сигналот за слетувањето. „’Феникс‘ слета, добредојдовте на северниот предел од Марс“, изјави контролорот на летот.
Последните седум минути од 10-месечното патување на сондата кон Марс се сметаа за најтешкиот дел од мисијата. Сондата требаше да го преживее жестокиот пробив низ ретката атмосфера на планетата, забавувајќи од брзината од речиси 21.000 км/ч. Таа го отвори падобранот, ги употреби импулсните трастери за да ја забави брзината и потоа ги спушти последните неколку метри за да слета на површината на три нозе. Тимот на НАСА ја следеше секоја фаза од симнувањето и слетувањето преку радиопораки доставувани до Земјата низ сателитот „Одисеј“, кој се наоѓа во орбитата на Марс.
„Ниту во сон не ќе можев толку перфектно да го направам тоа што денес се случи“, изјави Бери Голдстајн, менаџер на проектот „Феникс“ во ЈПЛ.
НАСА дозна многу повеќе за слетувањето кога фотографиите од сондата стигнаа до Земјата. На првата фотографија се гледа „Арктичкиот простор“ каде што слета „Феникс“, регион на Марс кој никогаш не бил истражуван толку одблизу. Од другите фотографии се забележува дека соларните постројки на сондата успешно се размотале и дека таа безбедно слетала. Вселенското летало ќе ја почне својата тримесечна научна мисија во следните неколку дена. Тоа ќе користи роботизирана рака за копање под заштитниот слој на Марс и ќе собира примероци од почвата и мразот што ќе ги носи на палубата за научна анализа.
Д-р Том Пајк од Кралскиот колеџ во Лондон е дел од британскиот тим инволвиран во проектот. „Главната цел на мисијата е да се ѕирне под површината на Марс, каде што сме речиси сигурни дека има вода“, изјави тој за Би-Би-Си. Уште додаде дека сателитите што кружат околу Марс го истражиле местото на слетување до најмал детаљ и откриле знаци дека замрзната вода е закопана 10 см или малку помалку под површината. „Водата, секако, е од критично значење, бидејќи таа е камен-темелник, една од основните животни средини што ни се потребни за живот“, изјави тој.
Слетувањето на Марс е познато како опасна работа. Забележана е 50-процентна стапка на неуспех на сите мисии на Марс откако во 1960 година Русија ја лансираше првата. „Феникс“ е соодветно име за сегашната мисија, бидејќи тој се воздигнува од пепелта на два претходни неуспеха. Во септември 1999 година вселенското летало „Марс клајмат орбитер“ се урна на Црвената планета по навигациската грешка предизвикана кога техничар на летот ги помешал „англиските“ (империјалните) и метричките мерки. Неколку месеци подоцна уште едно летало на НАСА „Марс полар лендер“ (МПЛ) беше загубено во близина на јужниот пол на планетата. „Феникс“ го користи хардверот од идентичниот близнак МПЛ „Марс севрејор 2001 лендер“ кој беше откажан по двата последователни неуспеха. Сондата беше лансирана на 4 август 2007 година на ракетата „Делта 2“ од Кејп Канаверал во Флорида. (Би-Би-Си)
|