Платите во А1 на „Фејс“, се бара кој ги објави

Лажен профил на „Фејсбук“ со симболи од УЈП отвори истрага за заштита на личните податоци

Горан Адамовски


Платите на новинарите и на вработените во телевизијата А1 вчера беа топ-тема во јавноста откако беа објавени на интернет-страница на мрежата за социјално дружење „Фејсбук“.

Под профилот „UJP leaks“, на виделина беа објавени десетина листи, на кои на вработените во ТВ А1, сосе нивното име и презиме, односно матичен број, им се гледаше колку пари заработуваат. Ако им се верува на листите, кои, наводно, биле пронајдени во сефот што го запленија инспекторите од фирмите на „Перо Наков“ б.б., вработените во телевизијата на Рамковски не биле пријавени на цела сума, односно поголемиот дел од парите ги земале на рака. Единствено членови на семејството Рамковски, кои на објавените листи фигурираат како вработени во овој медиум, наводно, се' пријавени на целата сума.

Списоците беа објавени вчера утрото и набргу станаа хит на „Фејсбук“. На страницата се гледа логото на УЈП со додавката „leaks“. Објавувањето на платите на вработените и нивните матични броеви отворија истрага кој ги злоупотребил нивните лични податоци.

Од Управата за јавни приходи реагираа веднаш и побараа од Дирекцијата за заштита на личните податоци лажниот профил да биде избришан.

„Станува збор за класична злоупотреба на профилот на УЈП, односно назив и обележје на институцијата. Потенцираме дека објавените информации на електронската социјална мрежа не потекнуваат од УЈП, ниту, пак, се објавени од страна на УЈП“, вели Весна Новаковиќ, портпарол на УЈП.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци ја скенираат ситуацијата и одлучија засега да не излегуваат во јавноста додека не добијат поконкретни информации.

„Примивме пријава од физички лица, како и од УЈП за отстранување на страницата на ’Фејсбук‘“, кратко ни изјавија од дирекцијата. Некаде пред 15 часот профилот веќе не можеше да се пронајде на „Фејсбук“.

Ситуацијата будно ја следат и во МВР. Оттаму велат дека им стојат на располагање, согласно со своите овластувања, на сите институции и поединци да им помогнат доколку биде побарано од нив проверка на каква било информација.

Пред случајот да земе замав, вчераутро Здружението на новинари реагираше на доставувањето видеозапис од Финансиската полиција за спроведена контрола во фирмите на „Перо Наков“ бр.60, при што се тврди дека во еден од сефовите освен пари, откриена е и листа на новинари на кои им се исплатени пари во кеш, а од која јасно може да се забележи логото на А1 и на А2 телевизија.

ЗНМ смета дека Финансиската полиција има законска обврска да открие и да бара санкционирање на секое прекршување на Законот, но инсистира сите органи вклучени во расчистувањето на овој случај, но и во други случаи, во текот на предистражната постапка да ги почитуваат законските прописи.

„Повикуваме институциите да ја почитуваат презумпцијата на невиност, а за лицата за кои постојат докази дека извршиле некое законско прекршување, да се поднесат соодветни пријави до обвинителството“, наведува ЗНМ. Објавувањето вакви документи во јавноста може да создаде впечаток дека се сака да се компромитираат новинари на А1 или на А2 телевизија и воопшто целата новинарска фела“, смета ЗНМ.

Здружението вчера го осуди и нападот врз фоторепортер на „Вечер“ од сопственик на угостителски објект што се случи во четвртокот во Скопје. ЗНМ укажува дека никој нема право да ги спречува, а уште помалку да ги напаѓа фоторепортерите во текот на извршувањето на секојдневните работни задачи.

„Уште повеќе што објект на интерес на нашиот колега не бил ресторанот или неговиот сопственик, туку јавни личности, кои во тој момент го напуштале објектот“, реагира ЗНМ, со предупредување дека во иднина на ваквите постапки ќе се реагира не само со осуда, туку и со преземање соодветни зак��нски мерки за заштита на новинарите. (Г.А.)

 


#