Миалења

Зошто се јадат живи луѓе

Филип Петровски

Се сведовме како држава и партии на тоа - високи функционери јавно да ветуваат дека хигиеничарите ќе бидат вработени од партијата!

Не се изненадив многу кога ја слушнав изјавата за јадење живи луѓе што ја даде Зоран Заев, потпретседател на СДСМ. Имено, се гледа дека неколкугодишното отсуство од владејачките позиции кај целата таа партија, или да бидам фер, кај поголем дел од нив, особено раководството, предизвикува фрустрација и се' поизразена потреба нешто да се случи, и тоа бргу. Проценувам дека не се навикнати да се во опозиција и да се без ресурси, односно да не им се на располагање државните парички. Многу е полесно кога на тој начин се води политика. Се' ти е при рака. Тоа го знае и Никола Груевски, та затоа владее како што владее. Што ли се' ќе појави по идната промена на власта, само Господ знае. Колку ли афери за кои сега не знаеме, затоа што нема кој да ги проверува документите. Некои, како што видовме, биле уништени. Не знам дали е тоа повреда на законите, па ме чуди што никој не реагира од надлежните. Всушност, кога подобро ќе размислам, не ме чуди затоа што се' е под контрола... Ете тоа создава уште поголема фрустрација, која на особено радикален и агресивен начин ја манифестираше Заев. Потоа почнаа еден по еден сите да се оградуваат од него. Па дури и неговата партија. А не му ја чепнаа ни функцичката во партијата.

Што кажува тоа? Јас мислам дека Заев го кажа тоа што го мисли СДСМ. Навистина се подготвени да јадат живи луѓе по враќањето (евентуално) на власт. Тоа не е добро за никој, ниту за нив самите. Но, не е добро ниту ова што го прави сегашната власт. Всушност, ми се чини дека сите се насочени, накрвени едни на други намерно. Политиката се претвори во средство за лекување комплекси и нанесување зло на другиот. Нема ни најмал план за добрина и подобрување на животот на граѓаните.

Не знам дали големите партии се прашуваат како обичниот граѓанин, кој треба да гласа за нив, гледа на овие работи. Препукувањата и заканите што секојдневно се случуваат меѓу нив, на граѓанинот му создаваат чувство на минорност и неважност, да не речам безначајност во политичкиот процес. Дека е значаен само кога треба да им го препише, препушти својот глас, а дека сето останато време треба само немо да набљудува и да се чуди. Изјавата на Заев, која е слободно дадена пред партиско членство и симпатизери, кога не можел да претпостави дека ќе го снимаат, е само еден обичен доказ како размислуваат големите партии и дека сметаат дека се над системот. Внатрепартиската диктатура, која им е својствена, со неможност на сите членови да избираат и да бидат избрани, покажува дека се тримува, вежба психата кај тој обичен член да се навикне дека е небитна бројка, која ако има среќа и врски, може да биде избрана на внатрепартиската томбола за вработување, па макар и да е тоа место ХИГИЕНИЧАР во некое министерство... Се сведовме како држава и партии на тоа - високи функционери јавно да ветуваат дека хигиеничарите ќе бидат вработени од партијата! Не знам дали може да се очекува поголема мизерија од ова.

Претходно реков дека Заев го кажа она што го мисли СДСМ. Тоа намерно го повторувам. Затоа што Заев го кажа и она што го прави ДПМНЕ. Само не се фали на партиски трибини. Се знае дека и за хигиеничари се доставуваат партиски, штапски препораки. Дека се водат сериозни дебати кој да биде, а кој да не биде хигиеничар. Па се прават лоби-групи во штабовите, па има препукувања за на крајот да победат со судни маки со мала предност оние што се поврзале со повисоките партиски структури. Ако се има врска, конекција со некој од Извршниот комитет на партијата или подобро со некој од министрите, тогаш шансите да ве изберат за хигиеничар се поголеми. Но, се' уште не е сигурна работата се' додека не сте пронашле врска, ако може фамилијарна со највисокиот врв на партијата, по можност со „лидерот“. Е дури во таква ситуација можете да здивнете. Сте си го обезбедиле многу посакуваното место ХИГИЕНИЧАР.

Ама да предупредам навреме, искуството покажува дека дури и да имате врска и поврзаност со „лидерот“, на смеете да спиете се' до последен момент зашто и спротивниот табор во борбата за хигиеничарското место наоѓа начини како да се добере до самиот врв и да го контактира главниот. Многу е веројатно да решаваат нијанси кој ќе го добие местото. На пример, колку пратеници и градоначалници стојат зад вас како лоби за да го добиете местото хигиеничар. Ако вашиот табор вклучи и некој личен пријател на лидерот, исто така, се зголемуваат шансите за успех. Тој може да му спомене при приватните средби кога се зборува за големите проекти, за вас, за вашите способности и квалитети како иден ХИГИЕНИЧАР. Да спомене дека со тоа не само што го намалува бројот на невработени во државава, ами оти стекнува и благонаклоност на еден перспективен член кој сега, бидејќи е вработен како ХИГИЕНИЧАР, во слободно време ќе и биде посветен на партијата, на ширењето за позитивната енергија, погледнато низ примерот на сопствениот напредок, а меѓу оние кои се скептици дека партијата не мисли на своите членови и не ги вработува како ХИГИЕНИЧАРИ.

Да не е жално, ќе се смеевме на сево ова што не' опкружува. Ама верувајте дека е жално. Партиите се претворени во дувла на корупција, во банди што се дрпаат меѓу себе за територија, во сиви зони каде што законите не важат. Во места каде што државата не смее да припари. Ако си во партија, а посебно ако си влијателен, за тебе се' е дозволено, не важат законите и можеш комотно да се однесуваш во секоја пригода. Вчера гледам на А1 митинг во Липково на Велија и Селмани. Пред тамошните членови на партијата. Луѓето фино олабавени, со запалени цигарчиња... Веднаш ми стана впечатливо тоа, бидејки сме одвикнати од такви слики каде што важат законите. А каде што не важат, таму почнуваат партиите.

Доколку нема ремонт на партиите, доколку не се промени свеста дека тоа не се бастиони на недемократијата и копуцијата, Македонија нема да има напредок. Запаметете го ова и прозивајте ме на темава во иднина. Ама отворете очи и прозивајте ги вашите пријатели и локални моќници. Покажете им дека разбирате дека се мафијашки здруженија што ви ја цицаат крвта, а вие не го сакате тоа. Додека не се променат партиите, Македонија ќе биде надвор од каков било цивилизациски развој и точка.

(Авторот е доктор по политички науки)

http://www.filippetrovski.com/


#