Дали Јанкулоска ќе биде во новиот владин тим
Билјана Јовановска
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, според нејзината вчерашна изјава, најверојатно, нема да поднесе оставка. Иако тоа прашање се наметна во јавноста, а е тема и на протестите на младите што бараат кривична, морална и политичка одговорност поради претепувањето до смрт на 22-годишниот Мартин Нешкоски од „тигарот“ Игор Спасов.
Јанкулоска, меѓу редови, вчера рече дека чека да види дали премиерот Груевски како иден мандатар за составувањето на новата влада ќе ја покани да партиципира и во претстојниот министерски тим. Уловена од новинарите на дискусија по повод 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Јанкулоска изјави: „Во врска со барањата за лична одговорност и за моја оставка веќе одговорив и не би сакала да се повторувам. Но, онака како што вие имате право на свој став и мислење, да му оставиме на оној што има мандат за составување нова влада, да видиме кого ќе го покани да партиципира во неа“.
Таа го повтори ставот дека протестите што секојдневно се одржуваат низ скопските улици се потврда дека на граѓаните им е загарантирано правото на протест.
Хронологијата на настанот поврзан со убиството на Мартин, која е полна со пропусти во истрагата, демонстрантите веќе ја доставија до повеќе странски адреси. Но, министерката и нејзиниот лидер го игнорираат тоа, речиси како и да не се случило.
Затоа, прашањето дали и како Јанкулоска ќе седне во некоја нова министерска фотелја е прашање за кое деновиве многу се дебатира. И младите демонстранти го повторуваат секој ден, како свој апел до политиката. Залудно или не, ќе покаже времето.
Недавањето оставка на министерката за внатрешни работи, во политичкиот живот во Македонија, сакале или не, за жал, ќе наметне поинакви правила на однесување. Кој и кому во иднина ќе може да му побара оставка, ако Јанкулоска е поштедена дури и од морална одговорност. |