Може ли да пропаднат претседателските избори
Политичките аналитичари велат дека постои опасност од спонтан граѓански бојкот на гласањето
Оливера Војновска
Една недела пред изборите агенциите за истражување на јавното мислење забележаа голем процент на граѓаните кои се изјасниле дека не се мотивирани да излезат на гласање, како и на оние кои немаат одговор за кој претседателски кандидат би се определиле.
Политичките аналитичари проценуваат дека постои опасност да имаме избори со најслаб одѕив и да ни се случи „спонтан граѓански бојкот на гласањето“. Според некои согледувања, во случај претседателските избори да пропаднат, „актуелната власт ќе си најде добра причина за реализирање на својата заложба за избор на шеф на државата во парламентот“.
Професорката на Филозофскиот факултет Билјана Ванковска вели дека проблемот со одѕивот може да се јави во вториот изборен круг, како што се случуваше на досегашните избори. „Секогаш како критично се јавувало прашањето за мотивацијата и одѕивот кај албанскиот дел од електоратот, кое во минатото се ’решаваше’ со неславните ’контингенти’ (со масовно полнење кутии, групно гласање), што носи ризик да има одѕив, ама да има и нерегуларности. Или, да дојде до непринципиелно пазарење, или доставување на сметката. До дестимулација во вториот круг може да дојде и ако има насилство, закани во првиот круг. Но, во конкретниов случај, ми се чини, евентуалниот неуспех да се избере претседател во вториот круг ќе води до нова уставна реформа, во која владејачката коалиција ќе си најде добар изговор за воведување избор на претседателот на државата во Собранието, што според мене е лоша опција“, вели Ванковска. Таа смета дека прашањето на одѕивот е поврзано со легитимитетот на оние кои ќе вршат важни функции во наредниот период. Според неа, дури и да се исполнат минималните цензуси, тоа ќе си има свој одраз врз институциите и функционирањето на системот.
Професорот на ФОН Осман Кадриу смета дека прашањето со одѕивот е комплексно и треба да се анализира од повеќе аспекти: социолошки, економски и политички. „Граѓаните се' повеќе се разочарани. На сите досегашни избори добиваа огромни ветувања, кои главно не се реализираа. Големо влијание има и економската криза, која силно се чувствува. Наспроти обидите на власта да ја маргинализира финансиската криза, состојбите реално се многу тешки. Втора работа е што платформите и на претседателските кандидати и на градоначалниците не се уверливи, туку премногу воопштени и бледи. Ниту еден кандидат не нуди ништо ново во програмска смисла, со години на избори се оди со исти пароли и слогани. Имајќи ја предвид целата атмосфера, нема да ме изненади ако немаме успешни претседателски избори“, вели Кадриу. Иако цензусот е намален на 40 отсто, тој очекува огромен број граѓани да ги бојкотираат претседателските избори. „Тоа нема да биде партиски или национално обоен бојкот, туку граѓански како резултат на сериозно незадоволство од економскиот и социјалниот амбиент во државата“, појаснува Кадриу, кој се сомнева дека имаме капацитет да организираме избори без семејно гласање, насилство, гласање на починати...
Професорката на Правниот факултет Рената Десковска вели дека се забележува општо незадоволство од политиката, кандидатите, програмите. „Пред помалку од една година, имавме избори и граѓаните не видоа дека работите одат на подобро. Паднат е етузијазмот и големо е разочарувањето дека нештата ќе се сменат со изборите. Па, иако цензусот е симнат на 40 отсто, бојкотот може да стане многу реален“, вели Десковска и нагласува дека уште пострашно е ако тоа е спонтан израз на незадоволство од политичката ситуација. „Пораката дека никој од кандидатите не заслужува да биде избран е многу силна и треба да ги загрижи политичките партии. Апатијата е исклучително сериозен политички став кој никако не смее да се занемари“, потенцира Десковска.
Професорот Мерсел Биљали, политички аналитичар, смета дека индиферентноста на луѓето кон изборите е реална последица на тешката економска и социјална ситуација, како и на пасивноста на власта во однос на непроменувањето на состојбите. „Видлива е апатијата и незаинтересираноста на граѓаните кон политичката понуда за претседателските избори. Едноставно луѓето не гледаат дека некој може да им помогне за да најдат решение за егзистенцијалните проблеми кои ги мачат. Програмите се премногу стерилни, празни, недостасуваат нови визии, а кандидатите немаат дух и не внесуваат некаква свежина. Не посакувам изборите за шеф на државата да пропаднат, но постои сериозна опасност од бојкот. Ако тоа се случи, одговорноста првенствено ќе биде на власта, чиј легитимитет автоматски ќе биде доведен во прашање“, смета Биљали.
Во последната анкетата на „Рејтинг“, 17 отсто од испитаниците се изјасниле дека „не се доволно мотивирани“ да излезат на гласање, а 14 отсто изјавиле дека „не се воопшто мотивирани“. Анкета на Центарот за истражување и креирање политики направена минатиот викенд покажува дека 6,9 отсто од испитаниците нема да гласаат, 24,3 отсто одбиваат да одговорат за кого ќе гласаат, а пет отсто одговориле за „ниту еден кандидат“. |