ЕДИТОРИЈАЛ

Претседател во служба на Владата

Гордана Дувњак

Власта не можеше да си посака подобар татко на нацијата од сегашниот. Шеф на државата, кој е на иста владина фреквенција и по „мерка“ на десничарската ВМРО-ДПМНЕ. Да не беше професорот Ѓорге Иванов ваков каков што е, едноставно требаше да го измислат.

Претседател во сенка (или служба) на премиерот. Тивок, послушен, со скромен професионален и демократски капацитет, кој не остава личен белег во политиката. Кој не „бранува“, туку ги аминува сите потези на извршната власт. Кој не се чувствува жртвуван, туку тоа го прави доброволно тогаш кога од него се бара да го подметне грбот место премиерот. Кој не се буни кога му кратат пари или му укинуваат надлежности. Просто човек да се праша да не е случајно избран на тоа место за да ја самоукине функцијата. Која е висок рангирана во архитектурата на власта и со широк легитимитет добиен од гласачите на непосредни избори. Тоа ли е цената што треба да ја плати Иванов за поддршката добиена од владејачката партија, која целата своја партиска машинерија ја стави во погон за токму тој да биде избран за четврт претседател на државата. Претседател кој ќе дозволи толку да се обезличи неговата функција, што после никој нема да ја доведе во прашање идејата за избор на новиот претседател во државата во парламентот. Зошто ни се избори и трошење пари, кога претседателот има мали ингеренции што се во несразмер со добиениот легитимитет од избирачите.

Претседателот Иванов свесно избра да молчи околу Агенцијата за разузнавање, која е под негови директни ингеренции и го сервисира со информации од безбедносната сфера. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, деновиве призна дека наскоро во владина процедура ќе влезе новиот закон за безбедност и разузнавање. Со овој закон се планира да се формираат две разузнавачки служби. Едната, под капа на МВР, а другата - военото разузнавање да остане под команда на Министерството за одбрана. Првата ќе биде добиена со претопување на Агенцијата за разузнавање во УБК, чиј номинален шеф би требало да биде моќниот братучед на премиерот, Сашо Мијалков.

Идејата не е нова, бидејќи и порано се тврдеше дека концентрирањето на разузнавачките служби е поефикасно и порационално. Искуствата, пак, во компаративното право се различни. Голем број земји во светот се' уште го имаат нашиот модел и тој се покажал како многу ефикасен. Земјите од поранешна Југославија го имаат моделот што сега се заговара. Но, штедењето не може да биде бланко-покритие за навлегување во уставните надлежности и поделбата на власта. Настрана што за една ваква крупна работа се потребни политичка одлука и консензус од сите партии. Зашто не е секогаш се' до парите. Многу повеќе е до начинот на кој се практицира власта, а уште повеќе за намерите.

Домашните експерти со право предупредуваат дека моќен разузнавачки апарат, кој е сконцентриран во една агенција и под раководство на еден човек, може да биде опасна алатка во рацете на власта и може многу лесно да се искористи и да се злоупотреби. Особено кога на чело ќе седне висок партиски функционер, а не професионалец, чија задача нема да биде работење во интерес на државата, туку дискредитација на политичките опоненти и на неистомисленците во сопствените редови. Зашто оној што е чувар на информациите, тој ја има моќта! Уште поопасно е кога постои нескриен стремеж таа да биде апсолутна.

Познавачите на оваа област уште на времето предупредуваа дека именувањето на сегашниот прв разузнавач, Александар Боцинов, не е случајно и оти е во функција на спроведувањето на идејата за претопување на Агенцијата во УБК, која би била под директна контрола на извршната власт. Своевремено, токму Иванов го именуваше Боцинов на таа функција и покрај тоа што лично не го знаеше. Доволна гаранција беше тоа што е другар на Мијалков.

Но, тоа е веќе проблем на Иванов, а не на институциите на др��авата и на демократијата.


#