Канал 5 ги смени ударните вести со „Фактор 5“

Во ударниот термин на Канал 5 во 19,30 часот од овој понеделник место вести телевизијата ќе ја емитува новата емисија „Фактор 5“. Таа е замислена како дебатна емисија во која ќе се отворат теми за низа прашања од оние што имаат предзнак национален интерес, па се' до прашања од секојдневниот живот на обичниот граѓанин.

Серијалот емисии прв го почна Иван Мирчевски, кој во понеделникот со своите гости дебатираше за феноменот на реалните шоу. Покрај Мирчевски, водители се и Миленко Неделковски, Снежана Лупевска, Горан Момировски, кој, всушност, е и креатор на „Фактор 5“, а во подготовката на емисиите ќе учествуваат и новинарите од информативната програма. „Светските трендови што полека влегоа и во Македонија бараат поинаков пристап до гледачот, при што Канал 5 се обидува да ги следи сериозните светски медиуми, но, исто така, сметаме дека е важно да се продуцираат и сопствени емисии што може долгорочно да ја менуваат земјава на подобро“, вели Момировски. Одлуката да се преземе терминот на вестите во 19.30 часот што, според сите истражувања, временски е најгледан се објаснува со фактот дека не само на нивната телевизија, туку и на другите телевизии има доволно вести. Како што велат, „гледачите имаат потреба од вакви информативни списанија на актуелни теми“.

Засега, остануваат останатите термини за вестите, иако од попладневните вести во 17 часот до вечерните во 23 часот има голем временски распон. „Се разбира, комерцијална телевизија како Канал 5 се грижи и за гледаноста. Уверени сме дека промената на програмата во ударниот термин ќе биде од интерес и за публиката. И мајќи предвид каква екипа ќе работи на овој проект, е токму таков производ“, изјави Момировски. (Св.У.)


#