Двојникот го чека Обама во Индонезија

ЏАКАРТА - Претседателот Барак Обама, најпознат поранешен жител на Џакарта, може да очекува топло добредојде кога следната недела ќе ја посети оваа земја, но неговата популарност слабее, ако се суди според траекторијата на кариерата на неговиот локален имитатор. Илхам Анас, чија насмевка што ги открива белите заби и нагласените уши му помагаат да личи на Обама, пред две години беше сеприсутен на телевизијата и во рекламите, рекламирајќи од картички за телефон до вафли. Сега никаде го нема.

„Годинава не е како што беше во почетокот“, вели Анас за Ројтерс. „Се' уште добивам работа, но повеќето се од другата страна на океанот“.

Индонезијците првично го прифатија Обама како одамна изгубен син, тој како дете живеел во Џакарта и неговиот очув бил јавански муслиман, но „обамаманијата“ е во надолна линија во Индонезија, како и во светот. Две претходни планирани посети на Индонезија беа откажани во последен момент, овој пат дополнително намалувајќи го ентузијазмот. „Дали овој пат навистина доаѓа? Може ли да му се верува на тоа?“, вели Питер Лери, пејач од Џакарта. „Бевме разочарани кога не дојде минатиот пат“.

Скулптурата на Обама како момче беше отстранета од централниот парк во Џакарта во февруари, по кампањата на „Фејсбук“ од Индонезијци што наведуваа дека тој речиси и не направил ништо за да ја заслужи таа почит. Таа сега се наоѓа во училиштето во Џакарта каде што учел како дете. (Ројтерс)


#