Еуфорична прослава на „портокаловите“

Според ВМРО-ДПМНЕ, изборите поминале во фер и демократска атмосфера, а инцидентите биле минимални

Во славеничка атмосфера и со многу еуфорија ВМРО-ДПМНЕ синоќа два часа по затворањето на избирачките места објави триумфална победа на вонредните парламентарни избори. Со обработени 28 отсто од гласачките места и направена симулација на резултати од 100 отсто на гласачките места партијата на Никола Груевски соопшти дека оствариле апсолутно мнозинство во парламентот.

Во изборниот штаб ечеше песната "Македонија знае да победува", химната на ВМРО-ДПМНЕ, и "Народе македонски". Веднаш, по пресот сите министри и заменици министри, директори на јавни претпријатија кои беа во Домот на АРМ, каде што беше штабот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ излегоа да пијат кафе на улицата "Македонија".

Директорот на Центарот за комуникација на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димоски, оценувајќи дека изборите поминале во фер и демократска атмсофера со исклучок од 1 до 2 отсто од гласачките места каде што имало инциденти, соопшти дека одзивот на овие избори бил повисок од 57 отсто.

„Првичните резултати покажуваат дека изборите поминаа во фер атмосфера. Според првичните резултати од партискиот аналитички центар, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ освоила 372.402 гласови, коалицијата "Сонце" 183.715 гласови, ДУИ - 91.408 гласови, ДПА - 71.184, додека ПЕИ добила 9.461 глас. Направената симулација покажува дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освоила 64 мандати, коалицијата предводена од СДСМ - 28, ДУИ -15, ДПА -12, а еден мандат партијата на Фијат Цаноски", соопшти Димовски.

Зборувајќи за инцидентите кои што се случија во текот на денот, Димовски рече дека над 98 проценти на гласачките места имаше фер избори. На оние помалку од два процентаизбирачки места каде што се случија инциденти, како што се во Сарај, Кондово, Чаир, Боговиње, онаму каде што живеат мнозинството Албанци имаше нерегуларности. Тоа се места во кои се натпреваруваат двете албански партии, ДПА и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на тие гласачки места да има прегласување.

Димовски презентираше податоци и по одделни избирачки места во различни изборни единици во кои победата на патриотско-конзервативниот блок е 4:1 и 5:1 во споредба со резултатот што го освоиле коалицијата "Сонце". (О. В.)