Крваво убиство и самоубиство во Охрид
Жртва е охриѓанката Жаклина Траеска, со три куршуми, по што убиецот си пресудил пукајќи си во главата
Симон Илиевски
Нова трагедија во Охрид. Само еден ден по трагичното убиство и самоубиство во Скопје поради невозвратена љубов, јавноста вчера беше шокирана од уште еден настан. Овој пат жртва е триесет и осумгодишната охриѓанка Жаклина Траеска, која вчера попладне била застрелана со три куршуми во телото, по што убиецот четириесет и тригодишниот Зоран Темовски од Велес си пресудил самиот на себе, пукајќи си во главата. Тој им подлегнал на фаталните повреди на патот кон Општата болница во Охрид. Мотивите за овој грозоморен настан се' уште не се познати.
Според првичните сознанија, трагедијата се случила вчера околу 13,50 часот на локалитетот Градска плажа кај населбата Воска. Досегашните информации упатуваат на тоа дека е убиена Жаклина Траеска, сопруга на сопственик на бутици во Охрид, а во неа пукал велешанецот Зоран Темовски, кој живеел во Охрид.
Се' започнало кога Траеска со возило „голф“ во сина боја попладнето дошла на Градска плажа. Веднаш по неа пристигнал и убиецот со бело „пунто“ со битолски регистарски таблички.
Според очевидци, најпрвин настанала кратка расправија меѓу двајцата. Во еден момент велешанецот ја нападнал, по што Траеска почнала да вика и да бара помош. Но, тој успеал да ја совлада, да ја легне на земја, по што и пукал со три куршуми во нозете, стомакот и во главата. Потоа со еден куршум си пресудил самиот на себе. Го вперил пиштолот во главата и пукал, нанесувајќи си фатални повреди. Инцидентот веднаш бил пријавен во полиција, која кога пристигнала на местото, мажот се' уште давал знаци на живот, а до него бил пиштолот од кој пукал. Но, тој им подлегнал на фаталните повреди на пат до Општата болница во Охрид. Засега не се познати мотивите и деталите за ова грозоморно убиство и самоубиство во Охрид, ниту, пак, е познато во какви односи биле двајцата.
Само еден ден претходно, македонската јавност беше шокирана од љубовната трагедија во населбата Козле. Скопјанецот Игор Бучкоски (29) ја застрела поранешната девојка Елена Дујовска (26), а потоа си пукаше во главата не можејќи да се помири со прекинатата љубовна врска.
Злосторството во Козле извршено со пиштол на црно
Скопјанецот Игор Бучкоски (29), кој завчера ја застрела поранешната девојка Елена Дујовска (26), а потоа и себеси, ги извршил злосторствата со пиштол што го поседувал без дозвола, соопшти полицијата. Дујовска вчера беше погребана во родното Делчево.
Како што објавивме, трагедијата се случи во понеделникот околу пладне пред зграда во населбата Козле каде што делчевката живеела во станот од татка си. Крвавиот пир на Бучкоски се случил бидејќи Дујоска пред еден месец ставила крај на нивната двегодишна врска. Младата Елена била апсолвентка на Градежниот факултет во Скопје. (Г.А.) |