06.02.2013, 16:53 Хотелот на Кондоминас повторно го отвори случајот „Бурмали-џамија“
Да се стопира изградбата и да се прифатат барањата за обнова на џамијата бараат муслимански невладини организации
„Ова непромислено дело претставува тешка провокација за верските чувства на муслиманите во целина и удар на и онака кревките меѓуетнички односи. Бараме од Владата, Град Скопје и Општина Центар веднаш да ги прекинат градежните работи и сериозно да се разгледаат повеќегодишните барања на координативниот совет на невладини организации за обнова на Бурмали- џамија, на ИВЗ и на муслиманските верници во целина за дозвола и можност за обнова на овој битен верски објект од културно-историското наследство на исламот“, порача вчера Јасмин Реџепи од Координативниот совет на невладини организации за обнова на Бурмали-џамија.
Непосредно до градилиштето за хотелот на грчкиот бизнисмен Кондоминас, Реџепи ги оцени почнатите градежни работи како уште една провокација кон муслиманите во државава. Револтирани што на парцелата на која некогаш постоела џамијата се гради хотел, тој во името на Советот побара Владата, албанскиот политички блок и претставниците на меѓународните организации во земјава поодлучно да се ангажираат за решавање на случајот.
„Постојаното игнорирање на нашите повеќегодишни барања до Владата за враќање на вакафот и за дозвола за обнова на Бурмали-џамија на местото каде што постоела неколку векови, овие денови, за жал, го достигнува највисокиот степен на институционална дрскост“, потенцираше Реџепи, без поставување временски рамки или други ултиматуми за одговор на барањето.
Речиси идентични реакции од Советот имаа и за време на актуализирање на идејата за изградба на црква на плоштадот и за време на најавите дека државата на местото на некогашната џамија ќе дозволи изградба на хотел. Дури, во неколку наврати во знак на револт, од НВО-секторот организираа и верски обреди под отворено небо. Но, од тогаш, прозивките и реакциите прекинаа, иако барањето не беше исполнето. (Дс.Т.) |