Колкав е прагот на толеранција на Груевски кон министрите?
Дали и за министрите важат принципите на „одговорност и отчетност“?
Соња Крамарска
Враќајќи се од плажата во Грција, министерот за образование Никола Тодоров, судејќи според неговата подоцнежна реакција, не претчувствувал дека ќе влета директно во голем скандал. Авторките на учебникот по општество, Кристина Кралева, Весна Павловиќ, Елена Станојковиќ и Соња Кирковска, личности на кои Министерството за образование им довери елитна задача да го напишат учебникот за петто одделение, му приредија непријатно изненадување: напишаа учебник со скандалозни содржини.
Скандалот избувна неочекувано, бидејќи проблемите во образованието вообичаено се карактеристични за почетокот на учебната година. Недоволно учебници, нестасани навреме дневници за водење на училишната евиденција, отпуштање на политички неподобни наставници - се дел од арсеналот на недостатоци и грешки.
Но, се лаже некој ако мисли дека сиве овие афери ќе му ја расипат кариерата на министерот за образование. Удобно навален во министерската фотелја, Тодоров секојдневно ноншалантно им објаснува на новинарите детали за скандалот, небаре се работи за туѓа одговорност, а не за негова. На оставка Тодоров не ни помислува, а за волја на вистината, нема реакција ниту од премиерот, иако во која било друга земја таков скандал ќе повлечеше разрешување на министерот за образование.
ВМРО-ДПМНЕ покажа голема чувствителност кога се во прашање пониските ешалони на власта, но одговорноста по се' изгледа ги заобиколува министрите. Низа локални функционери под притисок на партиската централа од Скопје деновиве се откажуваат од една од двете функции што ги извршуваат, а канцеларијата за односи со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ од тоа прави голем партиски маркетинг.
Но, што станува со одговорноста на министрите што се на врвот на владејачката пирамида и со самото тоа се поинтересни за јавноста отколку што се локалните функционери на владејачката партија? Дали и за нив важат принципите на „одговорност и отчетност“, како што е, на пример, со градоначалниците, кои редовно реферираат за нивните достигнувања.
Гордана Јанкулоска, министерката за внатрешни работи, која се најде во средиштето на аферата со испраќање полиција во парламентот, министерот за здравство, Бујар Османи, во чиј ресор нема ден без скандал, министерот за правда, Михајло Маневски, кој е одговорен за негативните оцени од Брисел за судството, а сега и министерот Никола Тодоров - сите остануваат недопирливи. Иако, да се биде министер и да се раководи со еден од клучните ресори во земјата, е далеку поважна функција од која зависи напредокот на државата отколку што е членувањето во локалните управни одбори на видни општински вмровци.
Се сеќавате ли на скандалот со праќање полиција во парламентот без да се побара дозвола од спикерот Трајко Велјановски? И уште поскандалозното писмо на министерката Гордана Јанкулоска кон пратениците од опозицијата, полно со закани и етикетирања. Или, повикувањето пратеници на информативен разговор во полицијата по јулскиот инцидент во парламентот?
Секој демократски ориентиран премиер ќе гледаше што побрзо да се ослободи од таков министер, но не и во Македонија. Груевски, наместо да ја отстрани министерката, даде серија изјави против опозициските пратеници нарекувајќи ги силеџии и недемократи, а министерката ја поддржа.
Состојбата, пак, во македонското здравство веќе одамна ја помина границата кога премиерот требаше да реагира со разрешување на министерот Бујар Османи. Нехумани лекари, дотраени апарати, смрт на родилки, болници во распаѓање, нехигиена, одбивање да се даде здравствена услуга, снемување лекови среде терапија (последниот случај во Битола), се само мал дел од лошата клиничка слика за здравството. Но, додека состојбата на здравството од ден на ден се влошува, минис��ерот го гледаме како вешто маневрира на политичката сцена успокојувајќи ја јавноста со изјави за нарачаните нови апарати и преродбата на болниците, што патем никој друг не може да ја види.
Илија Димоски, директор на Центарот за комуникација на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не е точно оти Груевски им гледа низ прсти на министрите и дека тоа го надоместува со построг однос кон третиот ешалон. „Напротив, премиерот врши најголем притисок за работа врз министрите и од тој аспект е најмалку непопустлив спрема нив“, вели Димоски.
Партиската централа завчера на прозивките од партијата на нивниот поранешен член Љубе Бошкоски за одговорност на министерот Никола Тодоров за аферата со учебникот по општество, брзо и отсечно реагираше дека „Тодоров не останал рамнодушен и ги прифатил јавните забелешки упатени кон луѓето што го пишуваа учебникот“.
Толку ли? Тоа ли е непопустливоста на премиерот кон министрите, кои со своите гафови во изминатиот период континуирано ги полнат страниците на печатот и ударните минути на телевизиските вести?
И министерот за правда, Михајло Маневски, практично, од неговото доаѓање на функцијата е дежурна тема во медиумите. Најпрвин, неговото јавно мешање во одлуките на судиите, потоа неговата двојна плата и како министер и како пензионер, за што во која било друга земја каде што важат демократските правила ќе мораше да замине од функцијата, а потоа и за континуираните забелешки од Брисел за мешањето на Владата во судството. Но, министерот Маневски и натаму ја ужива довербата на премиерот и важи за топ рангирана личност во опкружувањето на Груевски.
Изгледа не се важни резултатите, туку во какви односи е министерот со премиерот. Така се случи по ланското потонување на бродот „Илинден“ кога министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, продолжи да плива, иако даде оставка, која потоа ни тој ни премиерот „не ја признаа“.
За стопираните процеси на зачленување во ЕУ и во НАТО и фактот што министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, повеќе ќе го видите во улогата на партиски првенец отколку како шеф на дипломатија, веќе и не се говори. Дипломатијата и без тоа е повеќе надлежност на премиерот Груевски отколку на неговиот министер за надворешни работи.
Четиригодишното владеење на Груевски покажа дека една од неговите главни политички карактеристики е да не бранува многу во Владата, односно смената на министри не е дел од неговиот стил на раководење. Освен минатогодишната сеча на министрите Перо Стојановски, Ивица Боцевски, Трајко Славески и Ацо Спасеноски, која ја изведе принудувајќи ги на оставки, а потоа некои од нив добија други високи функции, владиниот брод продолжува мирно да плови, и покрај силните бранувања во неговото опкружување. (С.К) |