Народот навистина навали на стари коли
Заклучно со јули, во земјава се увезени 30.000 половни автомобили и само 4.000 нови, а буџетот инкасирал најмалку 20 млн. евра
Соња Маџовска
Народот навистина навали на половните автомобили. Не стивнува интересот за нив, напротив, постојано се зголемува, па дури ни увозниците не очекувале дека ќе имаат толку многу работа. А тие велат дека допрва ќе расте препродажбата, бидејќи во овој период на летните месеци се враќаат и голем број наши иселеници, кои доаѓаат со старите автомобили во земјава, а тие им ги продаваат најчесто на своите најблиски.
Податоците од Царинската управа се фрапантни. Од почетокот на годинава, па до 12 јули, во земјава се увезени 30.000 половни автомобили, а нови само 4.116 автомобили. Ако се земе периодот од 13 март, кога се намалија акцизите и царината, а и Владата ја зголеми границата за увоз на стари возила, па се' до 13 јули, во земјава влегле речиси 26.000 половни возила, и само 1.500 нови. Врвот е достигнат во јуни и во јули, кога се влезени 10.000 стари возила. Лани за цела години биле увезени само 13.500 половни возила.
„Опел корса“ е убедливо на прво место како најбаран стар автомобил.
Според увозниците, помалите, но и постарите автомобили, кои имаат зафатнина до 2.000 кубни сантиметри, а за кои не се плаќа акциза, имаат најпримамливи цени. А ако е уште дизел, тогаш веднаш има купец, велат увозниците. „Најбарани половни автомобили се оние од 1995 година и 1996 година. За овие возила кои чинат во просек од 2.000 до 3.000 евра, има пари нашиот народ. На пример, ’опел корса‘ од 1995 година, во странство се купува по цена од 800 до 1.000 евра, а дополнителните трошоци што се плаќаат во земјава чинат уште 700 евра. За овој автомобил особено се заинтересирани и младите возачи, кои штотуку положиле. Има голем интерес и за „голф“ и за „фолксваген“, вели еден од увозниците на стари автомобили.
И граѓаните и увозниците тријат раце од раздвижувањето на пазарот со стари возила, но и Царината, односно буџетот се офајдил од наплатата на царина, ДДВ и акцизата, при што се инкасирани околу 20 милиони евра од почетокот на годинава. Ако се земе најнискиот просек на цена на еден автомобил до 3.000 кубици, за кој не се плаќа акциза, а царината е 1 отсто, и плус уште 18 отсто ДДВ, а бидејќи над 90 отсто од увезените автомобили се такви, Царината само во овие четири месеци наплатила околу 15 милиони евра, и тоа само од половните автомобили. Тоа значи дека просечните вкупни давачка по возило изнесуваат од 600 до 700 евра.
Навалицата за старите автомобили како да покажа и колку е низок стандардот на македонските граѓани, бидејќи очигледно е дека со плата од 200 до 300 евра малкумина се одлучуваат да купат нов автомобил. Увозниците велат дека оние што возат автомобили стари и по 15 години, ги продаваат, додаваат уште една-две илјади евра и го заменуваат за некоја година поново од она што го имале претходно.
Инаку, сепак, излегува дека пропадна главната цел на носењето на мерките за увоз на стари автомобили, бидејќи се покажа дека е многу мал интересот за пререгистрација на бугарските автомобили. Сопствениците на возилата со бугарски регистарски таблички ги враќаат најчесто при техничкиот преглед. Затоа, тие велат дека ќе продолжат да ги возат овие возила се' додека им дозволува Законот, а тоа е до септември годинава. По овој период, ќе мора да ја напуштат земјава, а до нивното следно влегување во Македонија ќе мора да поминат најмалку шест месеци.
За разлика од увозниците на стари коли, во убавите салони за нови автомобили никој не влегува. Автоувозниците велат дека е катастрофална состојбата на автомобилскиот пазар. „Се внесоа многу стари половни автомобили, кои воопшто не се еколошки. Кај нас се увезуваат со стандард Еуро 1, најевтините, а во Европа се воведува стандардот Еуро 5. Ситуацијата е многу тешка, продажбата на нови автомобили е падната за 35 отсто. Гледаме колку да помине годинава, а очекув��ме да се стабилизира пазарот дури в година. Оваа состојба ја компензираме со тоа што работиме и хомологација и сервис за старите возила, а верувајте имаме многу работа во тој дел“, велат од „Аутомакедонија“. Оттаму објаснуваат дека има и намалување на цените, но не големо, туку повеќе автоувозниците на нови возила се ориентирани кон промотивни кампањи, акции, а нудат и пакети со различна дополнителна опрема, но во рамките на пакетите што ги даваат производителите. Увозниците велат дека годинава дополнително влијае и економската состојба во земјава врз намалувањето на продажбата на нови автомобили, како и тоа што банките многу тешко одобруваат кредити. (С.М.)
|