Кој се' ја претставува дијаспората?
Звонко Тевдовски, Детроид. САД
Изминатово лето имаше неколку делегации од Македонци што живеат и работат надвор од Македонија и кои ја посетија Македонија со политички и со економски намери, а и сите се декларираа како претставници од дијаспората, односно на иселеници што живеат во САД. Веднаш сакам да дадам до знаење дека тие не се претставници на целата дијаспора од САД, туку се претставници на организациите во кои членуваат и останатите членови на тие организации. За жал, низ целиот свет каде што има македонски иселеници, има непознат број организации, кои се претставуваат како Македонски, а дејствуваат издвоено и бидејќи нема синергија на сите тие сили, ефектот е минимален или занемарувачки. Посебно ме изиритираа ставовите и настапите на претставниците на организацијата „Македонија 2025“ претставувана од Митре Кутановски и Миле (Мајк) Зафировски и другата „Обединети Македонци“ претставувана од г. Колоски. 1. „Македонија 2025“ Оваа организација постои од 2006 и во неа членуваат еминентни бизнисмени и од САД и од Канада со македонско потекло и основна цел е економска помош на Македонија. За жал, со изјавите дадени при нивната посета и сработеното досега, не дава за право да имаат голем рејтинг и Македонија да се потпре на нивните ветувања. Најеминентни имиња се господата Миле Зафировски и Џон Битоф. Тие да сакале и' да помогнат на Македонија, тоа можеле лесно да го сторат и без да прават некојаси организација. Првиот бил една од водечките личности во еминентни компании и можел со малку труд да убеди некои од компаниите да вложат ситни долари, а тие би значеле огромни пари за Македонија и поттик на други компании да вложуваат. Другиот беше на времето избран од г-дин Глигоров за негов претставник за САД и за Канада и со своите деловни врски, исто така, би можел да придонесе за вложувања во Македонија, а во најмала мера и самиот да вложи во некоја активност, како, на пример, организација на услугите на аеродромите во Македонија. Изјавите дека испратиле 40 контејнери со некојаси помош само ги потценува чувствата на Македонците во Македонија и ги омаловажува вредностите на останатите Македонци во САД и во Канада. Изјавата дека поради економската криза не можело нешто посебно да се стори со странски вложувања, не држи, бидејќи организацијата постои неколку години пред да започне кризата, а тие немаат однесено ниту еден долар во Македонија. Пред неколку месеци Зафировски и Кутановски беа во Детроит заедно со г. Мизо и неколкумина промотори од САД и нивното однесување беше такво што само создадоа апатија за натамошна соработка со нив. Ме изненади нивната неподготвеност и непознавање на моќта на Македонците од Детроит и потценувањето на најсилното јадро на Македонци во САД. Го прескокнаа Мајк Илик, најпознат Македонец во Мичиген, па и во цели САД со својот синџир на пицерии, а посебно како сопственик на два големи спортски клуба во САД. Исто така, покажаа дека немаат основни познавања од водење бизнис со македонски бизнисмени.
2. Организацијата „Обединети Македонци“ ја предводи млад Македонец, кој сака да гради политичка кариера и настапува како легално избран претставник на сите Македонци од САД, што, за жал, не е точно. Неговиот (нивниот) став дека треба да престанат сите преговори за името не држи, бидејќи на тој начин би се закопале сите надежи Македонија да влезе во најмоќните економски и политички организации, како што се ЕУ и НАТО. Еден пацифист на времето има речено „подобро 100 години да се преговара отколку еден ден да се војува, бидејќи ниедна војна не останала трајна“. Самиот факт дека беше дојден на сметка на турска организација кажува дека не успеал да собере средства и поддршка од Македонците. За жал, на обичните Македонци преку глава им се разни „странски вложувачи“ на времето Ото Ташковиќ, па Тајван со милијардата, па како „Сведмилк“, Ангел Кастилјо и плејада други во останатите гранки. Инаку, можам со сигурнос�� да тврдам дека во дијаспората постои огромен потенцијал, само треба да знае вистински да се обедини и да се искористи, бидејќи чувството за Македонија е поголемо кај нас што не живееме во Македонија отколку кај тие што живеат и постои меѓусебна љубомора, ние што сме надвор сме им љубоморни на тие што живеат во Македонија, а голем дел од нив се љубоморни на нас што сме успеале да најдеме начин да се отселиме. Инаку, никој нема право од Македонија да ни го одземе нашето право да учествуваме како во економскиот така и во општествениот живот. Секоја година од дознаки од странство и од туристички патувања во Македонија се слеваат годишно над една милијарда американски долари, а сите ние имаме по некој имот во Македонија и блиски роднини за кои мораме да се грижиме, што ни дава за право за еднаков третман како да сме таму, а не многумина да не отпишуваат, а само да не бараат кога треба помош од нас. |