Крушево е избришано од географската карта

Никола Вангелоски, Крушево

Во спотот „Македонија вечна“ на режисерот Игор Иванов, што ќе се презентира на Си-Ен-Ен, Македонија е претставена како земја на културно-историски и туристички богатства. Спотот е направен по нарачка на Владата на РМ и финансиран од неа. Во овој спот се набројуваат најатрактивните туристички локации - Охрид, Скопје, Матка, Стоби, Витачево, Галичник („Галичка свадба“), Струмица - кои ќе бидат пропагандно емитувани на Си-Ен-Ен. Игор Иванов-Изи, режисер и сценарист, спотот го гради патувајќи низ природните убавини на Македонија - земја со несомнени културно-историски и туристички вредности. Зачудува како за седумдневното патување низ Македонија, сценаристот не нашол време да дојде и до историскиот град Крушево, со чие вклучување, се наоѓа меѓу наброените места, ќе се збогатеше презентацијата на Република Македонија пред светот, освен со природните убавини, и со духовно-историскиот потенцијал на македонскиот народ. Колку за илустрација, не е премногу да се наведат: монументот „Македониум“, споменикот „Мечкин камен“, Музејот на НОБ, Музејот на Илинденското востание, споменикот „Слива“, леарницата, а од црквите, седум на број, позначајни се „Св. Никола“, „Св. Јован“ со иконостасот во резба, како и манастирите „Св. Спас“, „Св. Преображение“ и други. Спомениците сведочат за првата република на Балканот, со познатиот Крушевски манифест, а Мечкин камен е синтеза на национално-ослободителната борба на македонскиот народ. Потоа, уникатната ликовна галерија на Никола Мартиновски, познат и надвор од границите на Македонија, воедно основоположник на современата македонска ликовна уметност, што ја презентира Македонија со богатиот творечки опус во ликовната уметност.

Во 2008 година градот Крушево е промовиран како прв етноград во Европа, проект чиј автор и иницијатор е Ранко Петровиќ. Етноградот е проект кој Крушево го претставува како жив музеј, односно како отворен театар. Зачудува фактот што овој идеен творец ниту со еден збор не се произнесе во печатот за тоа што Крушево не е застапено во спотот „Македонија вечна“.

Во спотот е направен сериозен превид, острото око како на сценарист не би требало овој историски град да го исклучи. Токму тоа кај крушевчани, не само кај нив, оправдано предизвикува револт за ваквиот недозволив пропуст. По кој критериум e дозволено Крушево да не биде презентирано заедно со наброените места во спотот, град кој, како што ви е познато, е вистинска ризница на историски вредности и културни традиции.